Владата ќе инсистира да се урнат сите дивоградби во Охрид

Фото: Љупчо Џамбазовски на Unsplash

Нацрт-извештајот на УНЕСКО за Охрид е силен аларм за состојбата со Охридскиот регион, што налага огромна потреба за највисоко ниво на ангажираност кај сите чинители за да се отстранат сите ризици кои го загрозуваат Охридското Езеро. Ова е еден од заклучоците од средбата на премиерот Зоран Заев со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министрите за култура, за животна средина и за транспорт и врски Ирена Стефоска, Насер Нуредини и Благој Бочварски и директорот на МЖ– Инфраструктура Хари Локвенец.

На состанокот, инициран од досега најзагрижувачкиот извештај на Мисијата за загрозеноста на природното и културното наследство кое се наоѓа на еден чекор пред ставање на листата на светско наследство во опасност, било потенцирано дека Владата ќе инсистира на отстранување на сите дивоградби кои се опасност за Охридскиот регион, а премиерот Заев ја поврди определбата на Владата да се зачува статусот на светско наследство на Охрид, со цел заштита на регионот, владеење на правото и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

„Ќе се организираат иницијативи со градоначалниците на Охрид, Струга и Дебарца, за секоја институција итно да ги преземе сопствените одговорности, како и да се спроведе поништување на сите аспекти од штетните проекти кои се наследство од минатото како што се, на пример, проектите на Субрата Рој и Владата до 2016 година, Љубаништа 1 и 2“, информираат од Владата.

Дополнително, Владата најавува и координирани активносто со Владата на Албанија за прашања од заеднички интерес за заштита на Охридското Езеро и крајбрежниот појас. Заводот и музеј Охрид, Управата за заштита на културното наследство, Управата за заштита на животната средина и другите институции во сферата на заштита на животната средина ќе бидат стручно и кадровски екипирани, а истото се очекува да го направат и општините во своите надлежности.

„Координацијата меѓу надлежните институции ќе продолжи со забрзано темпо и до УНЕСКО ќе биде доставен соодветен одговор по однос на алармантниот драфт извештај, а штом се заврши темелната анализа сите наоди ќе бидат презентирани пред јавноста од страна на Премиерот и сите останати релевантни носители на јавни функции“, соопштуваат од Владата.