Владата ќе ги проверува информациите за увоз на токсични нафтени деривати, по објавата на ИРЛ

Вонредна и итна е информацијата објавена од Истражувачката репортерска лабораторија – ИРЛ, за постоење сомневања дека во одреден период во земјата биле увезувани токсични нафтени деривати, опасни по здравјето и животната средина. Тоа го оценија владините министри на синоќешната седница. Според објавените информации на ИРЛ, увезуван бил опасен мазут кој се користел како гориво за греење во повеќе државни институции, но и приватни домашни компании.

„Владата со загриженост и внимателност им пристапи на изнесените информации и ја потврди одлучната заложба дека нема да има компромиси кога е во прашање здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина. Со цел расчистување на сите прашања, дилеми и сомнежи изнесени во јавноста, на предлог на заменикот-претседател во Владата задолжен за борба против корупцијата, за одржлив развој и човечки ресурси, заклучено е дека се неопходни брзи, темелни и детални проверки на сите објавени и необјавени информации за случајот во согласност со надлежностите на секоја од институциите за увоз, трговија и контрола“, соопштија од Влада.

За таа цел, задолжена е Царинската управа да спроведе внатрешна контрола за овој случај, односно испита колкави количини од наведените нафтени деривати се увезени од 2018 до 2020 година, под која царинска шифра е извршен увозот и дали податоците во декларациите соодветствуваат со дериватот што е увезен.

Државен пазарен инспекторат, пак, со Бирото за стандардизација и метрологија и со а акредитираната мобилна лабораторија, треба да го провери квалитетот на нафтените деривати и веднаш да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите и во институциите кои користат вакви горива.

На Државниот инспекторат за животна средина му е наложено да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите, увозници и корисници на мазут и на други нафтени деривати, а Министерството за економија треба да побара што точно се испитува при увоз, според Правилникот за квалитет на течни горива и дали одредбите од него се применуваат согласно европските стандарди.

„Владата наложи сите институции опфатени со овие задолженија контролите да ги направат веднаш, а информациите да бидат доставени во рок од 14 дена. Јавноста редовно ќе се информира за сите нови информации поврзани со увозот на нафтените деривати за кои беа изнесени сомневања“, соопштија од Владата.

Инаку, според првата епизода од истражувачкиот документарец на ИРЛ објавена на јутјуб, на 16 мај, со наслов „Заговор против воздухот“, меѓу другото, се посочува дека во последните неколку години, илјадници тони токсичен мазут, со смртоносни последици по здравјето и околината, кое е забрането за употреба во ЕУ, завршиле во Северна Македонија. Увозот во РСМ бил преку босанска фирма, а мазутот бил испорачан во неколку болници и компании. Како посредници при набавката се спомнуваат имињата на повеќе босански и домашни бизнисмени и политичари.