Ако се јавите на телефонските броеви за донирање средства за граѓаните од поплавените подрачја во Македонија, телефонскиот оператор ќе ви земе 118 денари. Од нив 100 денари се за донацијата, а 18 денари се за ДДВ, кој изнесува 18 проценти. Граѓаните се револтирани поради тоа затоа што нелогично е да се донираат пари во хуманитарни цели и за нив да се плаќа ДДВ.

Иста беше ситуација и за време на хуманитарната акција со донирање средства преку телефонските опеаратори за настраданите од поплавите во Босна и Херцеговина и во Србија, во мај минатата година. Тогаш, под притисок на јавноста, Владата на седница одлучи сите средства што ќе бидат собрани врз основа на отворените телефонски линии за донација, да бидат до денар исплатени како хуманитарна помош за настраданите во двете земји, сосе данокот за додадена вредност.

По отворањето на телефонските броеви за донација на настраданите од поплавите во Македонија, повторно се отвори дилемата дали е морално оправдано да се земаат пари за ДДВ кога тие одат во хуманитарни цели. Законот за ДДВ не предвидува ослободување од оданочување при вакви хуманитарни акции и тоа единствено може да се реши со одлука на Владата.

Од Министерството за финасии велат дека таква одлука може да донесе само Владата, а Агенцијата за електорнски комуникации (АЕК) е задолжена за телефонските линии.

Од АЕК за „Мета“ тврдат дека тие се задолжени само за одобрување на телефонските броеви од операторите кои служат за вакви намени.

– Нашата Агенција одобрува неколку броеви што операторите можат да ги користат во разни цели. Овие броеви кои се и за хуманитарни акции, исто така, се користат и за наплата на паркирање, за наградни игри и слично. Значи, операторот самиот одлучува за што ќе ги користи. Ние само им даваме слободни фрекфенции. За конкретниов случај, Црвениот крст ги има побарано телефонските броеви за настраданите од поплавите. Сепак, за тоа дали донаторите ќе бидат одлободени од плаќањето ДДВ, може да одлучи само Владата – вели Владимир Ристовски, советник во АЕК.

Од Владата не успеавме да добиеме одговор на прашањето дали сè уште важи одлуката за ослободување од ДДВ за хуманитарни цели, која беше донесена за настраданите од поплавите во Босна и Херцеговина и во Србија, или, ако таа била еднократна, дали се размислува истото да се направи и за оваа хуманитарна акција.