Листа на фирми / Фото: Принтскрин од листата објавена на сајтот на Влада

Владата ги објави имињата на компаниите на кои им беше исплатена државна помош за минимална плата, а тие не ги уплатиле средствата на своите вработени.

Претходно, директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, на прес-конференција ја обелодени информацијата за работодавачите кои добиле државна помош, но не ја исполниле обврската за исплата на плата на своите вработени. Како што изјави таа во април и мај, 708 работодавачи добиле државна помош, а не исплатиле плати на 1.706 работници.

Лукаревска апелираше работодавачите да ги исплатат платите кон вработените, бидејќи целта на мерката е зачувување на работните места, а не парите да ги земат за себе.

По објавата на оваа информација, реагираа и синдикатите.

„Сметаме дека ваквото однесување на работодавачите е недозволиво, неправедно, незаконско и нехумано“, се вели во нивното заедничко соопштение.

Тие апелираат Управата за јавни приходи, без одложување и во најкус можен рок да изврши присилна наплата на платите на работниците во фирмите кои добиле државна финансиска поддршка, а не ја исполниле обврската за исплата на плати.