На својата редовна седница вчера, Владата ја усвоила Програмата за реализирање на Планот за чист воздух за 2019 година. Таа се заснова на четири компоненти: мерки за директно справување со причините за загадување, градење на јавната свест од предучилишна до пензионерска возраст, регулаторни промени неопходни за транзиција кон енергетски систем со ниска емисија и воспоставување платформа за координација и следење на реализација на програмата, известија од Владата.

Со програмата усвоена вчера се дефинира како ќе се трошат предвидените два милиона евра за борбата за почист воздух. Парите ќе се наменат за замена на постојните нееколошки системи за греење во домаќинства, градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти во најзагадените градови во земјата, како и за набавка на пречистувачи за воздух во внатрешни простории во градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти.

Во акцискиот план за намалување на аерозагадувањето за 2019-та година се вметнати и иницијативи на три граѓански организации коишто се однесуваат на изработка на посебна веб-страница, каде што на едноставен начин ќе бидат набројани сите мерки кои треба да ги спроведат државните институции и на инсталирање на филтри во малите и средни претпријатија, особено во оние од дрвопреработувачката дејност.

Владата ја донела и Програмата за заштита на природата за 2019 година. Во рамките на неа ќе се спроведуваат активности и мерки од стратешки документи како Националната стратегија за биолошка разновидност со Акционен план (2018-2023) и Националната стратегија за заштита на природата со акциски план (2017-2027). Со Програмата за заштита на природата ќе се овозможи понатамошно хармонизирање на националното законодавство со законодавството на ЕУ за заштита на природата.

На вчерашната 116. седница на Владата е поддржана иницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк. Иницијативата е од месните заедници на подрачјето на планината Јабланица, како и од невладиниот сектор, а претходно била прифатена и од градоначалниците на општините Струга и Вевчани. Како што соопштија од Владата, првин ќе се изготви Студија за валоризација или ревалоризација на природните вредности на Јабланица, а потоа постапката за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје ќе ја започне Министерството за животна средина и просторно планирање.

Владата исто така го прифатила и текстот на Програмата на економски реформи 2019-2021 година.

„Програмата е петти документ изработен согласно насоките од Европската комисија, каде освен среднорочна макроекономска и фискална рамка се вклучени и 18 клучни секторски структурни реформи за зголемување на конкурентноста и растот на економијата. Програмата е изработена во согласност со Програмата за работа на Владата на Република Македонија 2017-2020 година, Ревидираната Фискална стратегија за периодот 2019-2021 и Буџетот на Република Македонија за 2019 година, како и останатите национални стратешки документи. Исто така, програмата е во согласност со Стратегијата на ЕУ за брз, одржлив и сеопфатен економски развој „Европа 2020“, соопштува Владата.