Фото: Бојан Блажевски

На синоќешната седница Владата ги усвои измените на Законот за животна средина со кои се предвидува повисока еколошка такса за нафтените деривати, откако ќе бидат усвоени во Собранието.

Според првичните пресметки, од оваа давачка ќе се приберат во буџетот 1,685 милијарди денари (27,3 милиони евра) за едно полугодие или 3,3 милјарди денари (54,6 милиони евра) за цела година.

Еколошката такса ќе изнесува 3,5 денари по литар гориво.

„Еколошката такса е наш одговор за грижата за животната средина и на повикот на граѓаните да преземеме мерки во однос на ова важно прашање, и затоа сите пари прибрани од оваа такса ќе одат во Еколошкиот фонд кој ќе ја помогне праведната транзиција од фосилните кон енергенсите од обновливи извори на енергија“, истакна премиерот Зоран Заев во интервју за ТВ Телма.

Тој рече дека граѓаните и стопанствениците не треба да бидат загрижени дека оваа мерка ќе ги зголеми цените на моторните горива, бидејќи нафтата поевтинела на светските пазари.

„Оваа мерка никој не би ја донел во време на изборна година и треба граѓаните да знаат дека влијанието на оваа мерка нема да биде поголема од 0,07%. Со падот на цената на нафтата на светските берзи се анулира висината на акцизата од 3 денари која ја воведовме заради ублажување на последиците од ковид-19 и со тоа навистина не се очекува поголемо влијание на цената заради еколошката такса“, елаборираше премиерот.