Владата има рок од 24 часа да дозволи да се собираат потписи за амнестија

Еден ден има Владата да испрати известување до Државната изборна комисија дека треба да дозволи да се соберат 10.000 потписи за да се поднесе амандман до Собранието за измена на Законот за амнестија. Ова денеска пред Собрание го изјави Мери Николовска, во име на граѓани кои бараат промени на овој закон. Николовска вели дека веќе десет месеци заедно со граѓаните се борат и сега на Владата ѝ оставаат 24 часа за да се изјасни. Во спротивно, како што вели, од среда ќе почнат да блокираат улици и раскрсници пред Владата и пред Собранието.

– Ние не го признаваме случајот „Монструм“ и тие луѓе во затвор се невини и бараме да се пуштат. Не ги признаваме ни „Ликвидација“, „Фаланга“, „Керозин“, „Кампања“, „Пајажина“ и други случаи. Испраќам апел до затворениците да го прекинат штрајкот со глад затоа што сега ние сме тука да ја продолжиме нивната борба – вели Николовска, додавајќи дека условите во затворите се никакви и под секое човечко достоинство.

Една од измените што оваа граѓанска иницијатива ќе ги бара во амандманот што сака да го поднесе е намалување на казните за 40 отсто.

Некои од граѓаните кои беа таму, велат дека нивните блиски се неправедно затворени.

Мајка на еден затвореник вели дека синот ѝ е таксист и дека е во затвор затоа што превезувал бегалци.

– По затвори ни лежат невини луѓе, а криминалци ни ја водат државата. Зошто синот на Трајко Вељаноски не одговараше за кокаинот? Ова е срамота, луѓе со еден куп кривични дела ни ја водат државата, а невини луѓе гнијат во затвор. Еве, од мојата сообраќајка поминати се две години, а сè уште ни рочиште немаат закажано – рече човек кој во инвалидска количка се качи на сцената да зборува.

Граѓаните најавија дека ќе протестираат и ќе блокираат улици сè додека не им се дозволи да собираат потписи.