Премиерот Зоран Заев денеска најави дека во следниот период ќе разговара со медиумските работници, како да се овозможи кампањите од јавен интерес да бидат пласирани во медиумите. Тој додаде дека станува збор за кампањи од јавен интерес, а не политички и владини.

Заев како пример ја наведе потребата на Владата од јавна кампања за подигање на свеста за имунизација против ковид-19, или информирање за време на некои природни катастрофи.

Тој праша, зошто на пример, Европската Унија и УНИЦЕФ можат да имаат кампањи од јавен интерес, а Владата да не може. Според него, ќе се работи по јасно утврдени критериуми кои ќе бидат поставени и мониторирани од медиумите.

„Коректив ќе биде „будното око“, за да не се случат работи како од минатото. Не се работи за политички или владини кампањи, туку од јавен интерес. Државата е должна да го информира населението и за одредени природни катастрофи, пожари, кои што информации можат да спасат животи. Како да го информираме населението за потребата од вакцинација, кога само 50 проценти имаат позитивен став за тоа?“, рече Заев.

Тој вели дека низ разговори со медиумски здруженија, медиумиски работници, експерти, треба да се најде решение, како да се зајакне работата на медиумските работници, функционирањето, стабилноста и независноста на новинарите. Како опција го најави Фондот за истражувачко новинарство во борба против корупцијата, нови продукции кои ќе третираат образовни, еколошки теми.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) реагираа на јавната најава на Владата за измена на регулативата со која ќе престане да важи забраната за рекламирање во медиумите од страна на јавните институции.

„Не постои формално барање до Владата за формирање на Фонд за медиуми, туку наша подготвеност да бидеме конструктивен партнер за осмислување на овој модел, доколку се направи проценка за потребата на таков фонд. Во таа насока, потребни се две работи со цел да се избегнат недоразбирања во јавноста и тоа: Владата на РСМ да ја повлече иницијативата за укинување на забрана за државно рекламирање (да не се менува член 102 од ЗААМУ) и Владата да отвори јавна дебата во медиумскиот сектор за формирање Фонд за поддршка на професионалното новинарство“, стои во нивното заедничко соопштение.