Кон крајот на април „Репортери без граници“, го објави извештајот за состојбата со слободата на медиумите во светот, во кој Северна Македонија е рангирана на 92. место, од вкупно 180 земји. Тие сметаат дека нашата земја во последната година има забележано мал напредок во поглед на медиумските слободи споредено со 2019 година, кога бевме рангирани на 95 место.

Најлошо рангирани на индексот на оваа светска реномирана невладина организација што се бори за слободата на медиумите бевме во 2014 година, кога паднавме на 123-то место во група заедно со африкански земји каде што владеат авторитарни или диктаторски режими. Со промената на власта во 2017 година се случи нагло подобрување за девет индексни поени, кога од 118 место, се кренавме на 111, кое главно се должеше на намалување на бројот на физички и вербални напади врз новинарите. Меѓутоа, од тогаш земјава постојано има симболично подобрување на слободата на медиумите од два до три индексни поени, поради отсуството на длабоки медиумски рефроми.

Споредено со земјите од регионот ние сме рангирани полошо од Грција, Косово и Албанија, а подобро од Србија, Бугарија и Црна Гора.

Во извештајот позитивно се оценува укинувањето на владините реклами, кои претходно служеа како силен инструмент за контрола на медиумите и злоупотреба на јавните фондови. Меѓутоа, ваквиот добар впечаток го расипува фактот што општините продолжуваат да огласуваат во локланите медиуми и останува како средство за притисок.

„Исто така, имаше потенцијален ризичен потег од владејачката партија да плаќа реклами во медиуми со цел да се огласуваат постигнувањата на Владата. Ова практика беше осудена од Здружението на новинарите на Македонија“, се вели во извештајот за Северна Македонија.

Во извештајот се оценува позитивно и работата на новинарските и медиумските организации преку зајакнување на системот на саморегулација во медиумите и подобрувањето на социјалните права на новинарите. Пред сѐ, се поздравува објавувањето на Регистарот на професионални онлајн-медиуми од страна на Советот на етика во медиумите и на Здружението на новинарите, во кој членуваат над 100 портали, кои со членството се обврзуваат да ги почитуваат принципите на новинарската професија и ветуваат дека кога ќе се огрешат ќе ги прифатат и објават одлуките на Жалбената комисија на СЕЕМ.

За друго позитивно постигнување се смета изготвувањето на нацрт-верзијата на Колективниот договор за новинарите и медимските работници од страна на Самостојниот синдикат на новнарите и медиумските работници во соработка со Здружението на новинарите на Македонија и Советот на етиката во медиумите, во кој постои заложба за почитување на работничките права на новинарите, нивното право на слобода на изразување, како и обврската за почитување на етичките професионални стандарди.

„За жал, високи владини службеници имаат врежана тенденција да им се закануваат и да ги навредуваат новинарите. Културата на неказнивост е добро вкоренета и сè уште е пречка за безбедноста на новинарите. Бројот на физичките напади врз новинарите се намали, но постои растечка практика на вознемирување на новинарите преку интернет и вербално злоставување“, стои во извештајот.

Македонската влада реагира со соопштение на објавувањето на извештајот од Репортери без граници, во кое се поздравува напредокот од три места во индексот за 2020 година во споредба со претходната година. Владата, исто така ја фали работата на новинарските и медиумските организации, кои придонесувале за ваквиот позитивен развој. Но, во соопштението погрошено е пресметан напредокот во индексот на „Репортери“ за земјата од 2017 од формирањето на Владата. Напредокот во индексот не е за 14 места, туку за 19 места. Во 2017 бевме на 111 место, додека годинава сме на 92 место, што значи дека скокот за четири години е од 19 места. Од друга страна, и објаснувањето за 14 места е погрешно поврзано со хиперлинк, кој не го потврдува прогресот, туку води на гуглмапс на улица Цветан Димов кај Јахја-Паша со назив 14 места.

Владата потсетува дека владиното рекламирање е целосно стопирано уште во 2017 година и оти од тогаш до денес не постои владино рекламирање во медиумите. Со тоа практично ги негира наводите на извештајот од „Репортери дека општините огласуваат во медиуми и оти со Изборниот законик политичките партии не трошат милионски суми јавни пари за политичко огласување во медиумите во текот на изборната кампања.

Исто така, Владата се иззема од одговорноста за неспроведување на реформите во Јавниот редиодифузен сервис, Македонската радио-телевизија и целата вина ја префрла на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која го блокирала процесот за избор на новото раководство на МРТ во Собрание.

На крајот Владата се обврзува да ги има предвид укажувањата на „Репортери без граници“ и ветува дека следни чекори за медиумски реформи ќе преземе во широка консултација со медиумските експерти од медиумската сфера.

Меѓутоа, на ваквото соопштение на Владата, реагира Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, кој изразува зачуденост од начинот на толкувањето на извештајот на „Репортери без граници“ од македонската влада, со преземање на успесите на новинарските организации на свое конто.

ССНМ негира дека во извештајот се спомнува подобрување на работничките права на новинарите и медиумските работници, туку се поздравува изготвување на Повелбата за работните услови на новинарите и нацрт фер-договорите за вработување на новинари и медиумски работници во дигиталните медиуми од ССНМ во соработка со другите новинарски организации.

Ако Владата сака да има барем минимум подобрувања во оваа сфера, потребни се низа законски измени, како и поголема контрола на тоа дали се почитува Законот за работните односи“, стои во реакцијата на ССНМ.

Новинарскиот независен синдикат уште еднаш истакнува дека работничките права на новинарите и медиумските работници се под постојана закана и оти новинарите се соочуваат со правна, социјална и економска несигурност и несигурност на работното место.

Во голем дел од таканаречените традиционални медиуми не се почитуваат основните работнички права, а во голем дел од нив во сила се директни забрани за синдикални активности што е спротивно на Законот за работните односи“, потсетува ССНМ.

Сепак, синдикататот ја поздравува одлуката на Владата економските мерки за време на кризата со коронавирусот да важат и за медиумите, напоменувајќи дека тие нема да бидат доволни ако кризата трае.

На крајот, синдикатот потсетува дека од почетокот на кризата со коронавирусот, новинарството беше една од најизложените професии, која претставува една од најважните алки во борбата против епидемијата. Според нив, новинарите ќе можат правовремено и точно да ги информираат граѓаните за пандемијата само ако бидат економски и социјално обезбедени.

Насер Селмани

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.