Владата и претставниците на средношколците ќе соработуваат за моделот на наставата

Средба на Сојузот на средношколци со претставници од Владата / Фото: Влада на РСМ

Денеска премиерот Оливер Спасовски, заменичка на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, министерот за образование, Арбер Адеми, министерот за здравство, Венко Филипче и заменик-министерката за образование, Елизабета Наумоска, се сретнаа со делегација на Сојузот на средношколци, предводена од претседателот на сојузот, Бленди Ходаи.

„Моделот за комбинирано организирање на наставата онлајн со алатки за интернет комуникација и со физичко присуство на учениците од прво до трето одделение во основното образование и со одредени други исклучоци каде што тоа е безбедно од здравствен аспект, беше истакнато на средбата, е прифатен како модел кој во најголема мерка ги намалува ризиците за здравјето на учениците и наставниците“ посочуваат од владиниот кабинет.

Како што велат оттаму, премиерот Спасовски, вицепремиерката Царовска и министрите за образование и за здравство Адеми и Филипче ја прифатиле сугестијата на претставниците на Сојузот на средношколците за нивна поголема вклученост во подготовките за организација и спроведување на прифатениот модел за да се постигнат најдобри решенија во интерес на учениците и наставниците.

Исто така министерот за здравство Филипче ги поканил средношколците да присуствуваат на состанок на Комисија за заразни болести на кој детално ќе се запознаат со состојбата со ковид-19, но и за мерките за заштита од заразата кои се во интерес на заштитата на јавното здравје.