Иако беше свикана посебна прес-конференција, претставниците на државните институции не ги споделија со јавноста резултатите од анализата на водата во Гостивар каде до сега се затруја над 3.100 граѓани. Како што призна новиот министер за здравство, Сашо Клековски, резултатите ги имаат и тие се веќе предадени до Обвинителството но за да ги кажел јавно морало прво одговорните во Јавното обвинителство да му дадат дозвола. Мострите од водата во Гостивар беа земени уште во четвртокот вечерта, но македонската јавност сè уште нема точна информација што ја предизвикала епидемијата.
„Наодите во ИЈЗ ги има побарано Обвинителството. И тие треба да нè информираат дека може да ги соопштиме и ќе ги соопштиме, ни јас ги немам информациите. Тие се на нивно барање доставени. Ги чекам резултатите од копрокултурите и оние од другите институции што ги прават. Додека не добиеме согласност нема да ги објавиме информациите. Јасно кажувам дека кога ќе добијам дозвола за пристап до информациите, ќе информирам“, кажа Клековски.
Ниту во Јавното обвинителство не откриваат ништо во врска со епидемијата во Гостивар. Оттаму дадоа штур и нејасен одговор во кој се вели дека прибирале докази а постапката е во фаза на предистрага која е тајна.
„Јавното обвинителство и натаму презема истражни дејствија за прибирање докази. Сите прибрани докази до овој момент, како и доказите кои допрва се очекува да бидат доставени се анализираат за да се утврди состојбата од која ќе произлезе правна квалификација на евентуално сторено кривично дело и идентификација на сторителите. Постапката е во фаза на предистрага, која е тајна. Веднаш по утврдување на сите околности и донесување на соодветна јавнообвинителска одлука јавноста ќе биде запознаена“, информираат во Обвинителството.
На денешната прес-конференција зборуваше и директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска. Освен што информираше дека на барање на ЈО, веднаш пошле на терен да земат мостри за испитување, не кажа што велат резултатите од испитаните примероци вода иако потврди дека анализи на водата се завршени.
„Ние добивме барање од Обвинителство на мејл, во четвртокот, да излеземе и да земеме мостри од вода во гостиварско. За буквално еден час од тој мејл се екипиравме и излеговме на терен. Веднаш ги ставивме земените примероци на анализа. Од 4 места се земени, за истите да се направи микробиолошка и хемиска анализа. Некои бараат да поминат 24 часа, некои 48, некои 72 часа. Може да се јави потреба да се направи некое дополнително испитување. Ги имаме завршено комплетните анализи и тие се предадени во Обвинителството“, кажа Андоновска.
Клековски, пак, информираше дека денеска заседаваат и членовите на Комисијата за заразни болести, која веројатно денес ќе излезе со препораки за населението.
„Во моментот има 3.100 здравствени контакти, тука се вклучени и телефонски јавувања, интервенции на Брзата помош, примени и прегледани граѓани. Вчера имаме 564 здравствени први контакти, од кои во болницата 289 и во Здравствен дом 275. Во моментот хопитализирани се тројца возрасни и едно дете. Клиничката слика е иста, нема промена – стомачни проблеми, поретко има појава на треска и температура. Се вршат неопходните лабортории кај сите што се јавиле во болницата. Во ниеден момент немало криење информации од Министерството за здравство. Јас прв соопштив дека првите случаи се регистрирани ноќта на 13 јули. Ќе продолжиме транспарентно да ги соопштуваме сите факти“, рече Клековски.
Тој демантираше дека изјавил дека нема услови за прогласување епидемија и кажа дека тоа е надлежност на епидемиолозите, односно во овој случај, надлежно за прогласување епидемија бил Центарот за јавно здравје – Тетово.
„Тие и ја прогласија епидемијата врз основа на податоци добиени за двократно зголемување на случаи. Продолжуваме со апел до граѓаните да се одзиваат на барањата на здравствените работници за давање податоци за епидемиолошките анкети. Во Гостивар ова не е прва ваква ситуација, во 2017 имаше 700 пријавени пациенти, но немаше разрешница кој е причинителот, но овој пат ќе ја утврдиме причината“, рече Клековски.
На тематската прес-конференција учествуваше и портпароклата на Владата, Марија Митева.
Пред неколку дена, инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство, заедно со полицијата и претставници на Министерството за животна средина утврдиле дека во главниот цевковод, нелегално е поставена пумпа која директно вбризгува вода од реката Вардар. Надзорот тие го направиле по известување од јавниот обвинител заради сомнеж дека водата е загадена откако добиле поплаки од граѓаните.
Директорката на јавното претпријатие Комуналец – Гостивар, Арта Асани, во изјава за локалните медиуми демантираше дека водата била проблемот велејќи дека последните три анализи кои ги направиле во текот на овој месец, без да прецизира кога било тоа, покажале дека водата е безбедна за пиење и во согласност со законските правила и стандарди за вода за пиење.
Откако проф. д-р Никола Пановски на Фејсбук реагираше за тоа дека во Гостивар во услови на толку случаи на гастроентеритис треба да се прогласи епидемија, Цтетовскиот центар за јавно здравје прогласи епидемија.
