fbpx

Владата и бизнис-заедницата потпишаа меморандум за подобра соработка

-

Четирите стопански комори и Владата денеска потпишаа Меморандум за формално воспоставување на јавно-приватен дијалог.

Меморандумот за соработка треба да придонесе за поголема соработка помеѓу бизнис-заедницата и Владата, зајакнување на дијалогот меѓу јавниот и приватниот сектор, особено во делот на легислативата.

Директорот на Канцеларијата за развој на УСАИД, Македонија, Едвард Гонзаелс, оцени дека е зголемен дијалогот меѓу Владата и приватниот сектор во последните месеци.

– Коморите поаѓајќи од заедничките интереси во застапување на компаниите заедно со Владата ќе ги градат политиките кои ги засега секој сектор во стопанството, особено микро, малите и средните претпријатија – изјави Гонзалес.

Претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, рече дека коморите и до сега биле партнери во донесување на законите, но биле противници во имплементирањето. Тој побара од Владата, да се прекине со практиката во минатото законите да се носат по скратена постапка и да се следи примерот со Австријците, односно ниту еден закон кој се однесува на бизнисот да не се носи без консултација со коморите.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев оцени дека потпишувањето на меморандумот е само формално заокружување на соработката што секојдневно владата ја има со бизнис-заедницата. Тој рече дека носењето на закони по брза постапка, негативно влијаеле врз бизнисите и затоа, како што кажа, сега компаниите се и премногу инклузивни во носењето на законите.

Претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа, потенцираше дека компаниите во минатото се соочувале со голем број на инспекции, селективна правда и борба со сивата економија и се надева дека оваа платформа ќе овозможи решавање на проблемите на бизнис-заедницата.

На денешниот настан во Владата беше презентирана и анкета направена помеѓу 177 компании членки на коморите која покажува дека се намалува паричното казнување на фирмите, а се зголемува бројот на опомени. Половина од фирмите исто така сметаат дека имаат високо даночно оптоварување и комплексна и нејасна регулатива, но и различно толкување на законите.

Во однос на ефектите од прогресивното одданочување 34 отсто се изјасниле дека тоа би било негативно, 28 отсто дека би било позитивно, а една третина од команиите не знаат што точно ќе се случи со прогресивното одданочување.

Како приоритетни реформи за подобрување на деловното опкружување, компаниите очекуваат ефикасно судство, намалување на сивата економија и на корупцијата.

Проектот на УСАИД – „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ е спроведуван од „Епи центар интернационал“ во партнерство со коморите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украина не мобилизира лица со Даунов синдром

Лицата со хромозомски пореметувања со значителни дисфункции, вклучително и лицата со Даунов синдром, не можат да служат војска, според Правилникот за воено-медицински преглед во вооружените сили на Украина. Украинскиот...