На вчерашната седница Владата го усвои Ревидираниот национален придонес кон Договорот од Париз за клима, предложен од Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Целта е да се заложиме до 2030 година да се постигне 51% намалување на емисиите на стакленички гасови во однос на емисиите од 1990 година“ соопшти министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.
Во поднесокот се вградени резултатите од анализите за потенцијалот за намалување на емисиите на стакленичките гасови при што вкупно се анализирани 63 политики и мерки за ублажување во секторите: енергија (вклучително и снабдување со енергија, резиденцијален сектор, неспецифицирани сектори, индустрија и транспорт), земјоделство, шумарство и друга употреба на земјиште, отпад и дополнителни мерки (овозможувачки мерки на мерките за ублажување).
Ревидираниот национално утврден придонес кон Договорот од Париз е одраз на Зеленото сценарио од Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година и е целосно усогласен со предлог Националниот план за енергија и клима.