Владата на 77. седница ги донесе измените и дополнувањата, односно ребалансот на буџетот за 2021 година, кои, заедно со дополнувањата на Законот за извршување на буџетот за 2021 година, ќе бидат доставени на усвојување до Собранието.
„Според презентацијата на Министерството за финансии, со овој ребаланс приоритетите до крајот на 2021 година ќе бидат насочени кон справување со последиците од пандемијата преку зголемување на обемот на инвестициите со директна поддршка на активностите на компаниите, отворање на нови работни места преку активните мерки за вработување, како и со поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија,“ информираат од Влада.
Од таму додаваат дека и понатаму останува определбата за поддршка на економијата со инвестиции на инфраструктурни проекти, редизајнирање на структурата на јавните финансии преку зголемено учество на капиталните расходи, како и зајакнување на процесот на планирање, извршување и известување за јавните финансии.
„За да се реализираат целите во справувањето со ковид-19 пандемијата, со овие измени и дополнувања на буџетот за 2021 година на расходната страна на буџетот се ограничуваат одредени планирани трошења кај буџетските корисници кои суштински и директно не се поврзани со справувањето со здравствената пандемија, како и се сведуваат на минимум сите непродуктивни трошења од буџетот. Имајќи ги предвид остварувањата на приходите за периодот јануари-мај 2021 година, како и потребата за обезбедување на средства за спроведување на активностите предвидени со петтиот и шестиот сет на мерки, извршени се промени во однос на иницијалните проекции на приходната и расходната страна на буџетот за 2021 година,“ се вели во соопштението.
Вкупните приходи со измените и дополнувањата на буџетот се планирани на ниво од 222,6 милијарди денари и тие се за околу 10 милијарди денари или за 4,7 отсто повисоки во однос на иницијалните проекции на буџетот. Проекциите за приходите се базираат на: реализацијата на приходите во тековната година, очекувањата за економските остварувања во 2021 година, одредени измени во даночната сфера, поголем даночен опфат, фер и олеснети административни процеси.
Вкупните расходи се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 отсто, односно за околу 21 милијарди денари повисоки во однос на планот. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП.
Капиталните расходи се планирани на ниво од 30,5 милијарди денари или за 6,5 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2021 година, односно со овие измени и дополнувања на буџетот за 2021 година извршено е редизајнирање на расходите со поголемо учество на капиталните расходи во вкупните расходи. Порастот од 26,9 отсто на капиталните расходи е резултат на обезбедување на потребните средства за реализација на дел од мерките на Владата.