На денешната отворена седница на Владата на Република Македонија, беа прифатени реформите на законот за високо образование, кои предвидуваат воведување државен испит за студентите. Со ова се затвори јавната расправа за овој закон, кој ќе биде испратен на гласање во Собранието на Република Македонија.

Министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, рече дека во изминатиот период имале конструктивни дебати со сите засегнати страни, на кои добиле забелешки, а некои од нив ги прифатиле.
– Организиравме дебата на универзитетите, но и дебати со претседателите на студентските парламенти, дебата со СОНК, а се сретнавме и со ректорските управи. Впечатокот е дека дебатите беа конструктивни, добивме конкретни предлози за подобрување на законот и некои од предлозите ги прифативме – рече Адеми.

Адеми истакна дека на јавните дебати најголема забелешка била дека со овие реформи ќе се загрози автономијата на универзитетите. Затоа, како промена во овие реформи, ќе биде тоа што членовите на одборот за акредитација ќе бидат избрани во Собранието на Република Македонија.
– Од јавните расправи, имаше забелешка од универзитетите дека ќе се загрози нивната автономија. Прифативме и предлагаме одборот за акредитација во иднина да го избира Собранието, кое е основач на јавните универзитети, а не Владата – рече Адеми.

Тој додаде дека промена ќе има и во бројот на членови во одборот за акредитација, кој ќе изнесува 11, а не девет како што беше претходно предвидено. Претседателот ќе се избира од членовите на одборот по пат на тајно гласање од мнозинство гласови од вкупниот број на членови. Одборот ќе треба да доставува годишен извештај до Собранието.

На седницата беше констатирана конечната форма на државниот испит, кој ќе биде поделен на два дела. Првиот дел ќе биде спроведен во втора година, а вториот дел во завршната година. Една година пред да се воведе задолжителниот државен испит, ќе има пробен државен испит. Ќе се полага четири пати годишно на крајот на фебруари, април, август и на номеври. Ќе содржи пет прашања од секој од задолжителните и од изборните предмети. Испитот ќе биде спроведен електронски, прашањата ќе бидат предложени од самите професори, а одобрени и усвоени од одборот за акредитација, кој ќе може да додава прашања. Првите две полагања ќе бидат бесплатни.
Државниот испит ќе важи за сите студенти од прв и од втор циклус за студии, кои ќе се запишат во учебната 2015/2016 година.

На 10 декември се одржа вториот студентски марш на кој околу 10.000 граѓани го кренаа својот глас против воведување државен испит на факултетите.