Владата го раскина договорот со турскиот концесионер за експлоатација на арсенот во Лојане

Арсенот во Лојане во непосредна близина на основното училиште; Фото: Архива на Мета.мк

Владата на РСМ на седницата одржана на 8 март ја донела одлуката за едностран раскин на договорот со турската компанија „Калтун Мадденџилик“ за концесијата за експлоатација на арсенот и другите минерални суровини од поранешниот рудник „Лојане“. Владината одлука е објавена во Службен весник на 15 март, а во одлуката се наведува дека влегува на сила еден ден по нејзиното објавување.

Ваквиот потег на централната власт следи откако турската компанија на почетокот од годинава достави барање до Министерството за економија за едностран раскин на договорот за концесија заради „немање економски интерес за понатамошно извршување на концесијата“.

Концесионерот во барањето се повикал на членот 52 од Законот за минерални суровини при поднесувањето на барањето на едностраниот раскин на договорот. Инаку, турскиот концесионер во август 2014 година го склучил договорот со македонската влада, со којшто требаше да ја експлоатира техногената минерална суровина на локалитетот „Лојане“. Договорот за концесија со компанијата важеше до 25.8.2024 година.

Од Министерството за економија за Мета.мк информираат дека турската компанија „Калтун Мадденџилик“ и понатаму е должна да постапи по Решението од Државниот инспекторат за техничка инспекција од почетокот на февруари годинава, кој му наложи на концесионерот да постави ограда околу јаловиштето во рудникот „Лојане“, да постави информативна табла за опасностите кои демнат на локацијата и знаци за предупредување од користење на водите во јаловиштето.

Без разлика што е раскинат договорот, доколку не постапи по овие задолженија на Инспекторатот во утврдениот рок, тогаш турската компанија ќе се соочи со прекршочна постапка согласно законските прописи.

Во однос на прашањето за тоа кои ќе бидат следните чекори за расчистување на арсенот од локацијата во Лојане, од Министерството за економија велат дека повторна објава на предметна концесија на јавен повик за избор на нова компанија може да се разгледува откако донесената одлука ќе стане конечна.

Концесионерот ќе се соочи со казна ако не го огради арсенот во Лојане, чистењето ќе почека

По пишувањата на Мета.мк и Порталб.мк за состојбата на терен, Државниот инспекторат за техничка инспекција на 4 февруари годинава излезе на терен и изврши инспекциски надзор во рудникот „Лојане“. Тие утврдија дека концесионерот го нема оградено просторот околу јаловиштето со арсен и други отпадни минерални суровини и немаат поставено информативна табла за опасностите кои демнат од опасниот отпад. Инспекторите утврдиле дека на приодите до рудникот „Лојане“ не се поставени знаци за предупредување од опасност од користење на водата од јаловиштето и други активности кои би можеле да бидат опасни за населението и животните.

Инспекторатите бараат арсенот во Лојане и Табановце да се огради и да има табли за предупредување

Мета.мк и Порталб.мк беа на терен во декември 2021 година и увидоа дека на само 100-тина метри воздушна линија од јаловиштето се наоѓа основното училиште „Рилиндја“, во кое настава следат ученици од шесто до деветто одделение. Децата се изложени на опасноста од вдишување на арсенот. На втората локација кај Табановце исто така демне опасност, бидејќи депонијата се наоѓа до железничката станица во Табановце и до кампот за мигранти.

Илјадници жители од Кумановско четири децении се трујат со арсен и други отровни материи [фото]

Во сиот изминат период, луѓето, животните и целокупната животна средина во Лојане и Табановце се соочуваат со последиците од расфрланиот арсен на двете локации и со осум изгубени години за справување со опасноста што непосредно им го загрозува здравјето. И покрај сето ова, на нивите околу депонијата со арсен во Табановце при нашата посета забележавме дека се садат земјоделски култури, додека кај рудникот „Лојане“ исто така бевме лични сведоци дека се пасе добиток во кругот на овој локалитет.

Инаку, турскиот концесионер според неговите кажувања, во период од осум години наназад успеал да исчисти и продаде само 60 тони од проценетите околу 15.000 тони арсен сулфид што се лоцирани во јаловиштето во „Лојане“. Концесионерот за Мета.мк изјави дека тие немаат должност за експлоатација на преостанатите околу 1.000 тони отпадна јаловина кај селото Табановце, бидејќи оваа локација не била вклучена во тендерската постапка.