На вчерашната редовна 157 седница, Владата го утврдила дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година, откако текстот на предлогот за ребаланс на буџетот ја помина постапката на комисиска расправа во Собранието на Република Северна Македонија во комисиите за финансирање и буџет и законодавно-правната комисијја.
Со измените прифатени вчера, „се обезбедуваат средства за непречено функционирање на ново формираната Агенција за национална безбедност во износ од 99 милиони денари, обезбедување на дополнителни 560 милиони денари како директна поддршка во земјоделството и справување со болеста Африканска чума кај свињите, средства за Колекторски систем за заштита на Охридското езеро, како поддршка на напорите на централната и локалната власт за исполнување на препораките од УНЕСКО“, соопшти Владата.
Измените во Буџетот за 2019 година, меѓу другото, обезбедуваат дополнителни средства во износ од 244 милиони денари за правосудниот систем, односно судството и обвинителството, за исплатата на надоместоците на вработените во овој ресор.
Предвидени се и средства за поврат на дел од ДДВ на граѓаните, во износ од 300 милиони денари.
Со новите измени на ребалансот на буџетот, Владата наменила 400 милиони денари за субвенционирање до 100 евра на плати на вработени во приватниот сектор.