Владата реагира дека опозицијата преку претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, врши притисок врз институциите при што организираните активности за враќање на македонските граѓани во нашата земја и за нивно сместување во државни карантини ги нарекува „уништување на државата”.

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ синоќа со директни пораки преку апликацијата Телеграм упати неосновани обвинувања и притисоци врз генералниот секретар на владата Драги Рашковски, квалификувајќи ги владините активности како „срамота”, а луѓето кои ги организираат активностите како „лопови” и во исто време клеветејќи за „добивање провизии“ за организацијата на авионскиот и автобускиот превоз“, соопштија од Владата и го повикаа Мицкоски внимателно да ги погледне презентираните факти, да престане да врши притисок врз институциите, да престане да шири клевети дека помошта за граѓаните е срамна и да ги употреби партиските ресурси кои се дел од техничката Влада и кои гласале ЗА ваквата помош за граѓаните, за вистински да помогне на земјата и на народот во овие тешки времиња.

„Владата апелира до политичките партии да се откажат од дневното политичко профитерство. Апелира до Христијан Мицкоски да престане да врши притисок и да клевети, да се вклучи во заедничката национална борба со коронавирусот, да ги достави сите предлози на неговата партија преку претставниците во Владата, а доколку има каков било сомнеж или доказ за каква било злоупотреба, истиот веднаш да го пријави до институциите на македонскиот систем“, стои во владиното соопштение.

Се потсетува на досегашните процедури по донесените мерки, во врска со организирано авионско враќање на нашите граѓани во земјава, нивното сместување во карантин и слично, за што на јавен повик се избрани компании кои понудиле најниска цена и се потенцира дека граѓаните во карантински објекти не се закана за никого, а објектите се обезбедени од полицијата и од војската.