Денес во Кочани се одржа погребот на жртвите коишто трагично ги загубија нивните животи во несреќата во дискотеката во Кочани. Иако посоеше владин протокол за медиумите како да известуваат од погребот, голем број странски медиуми тоа го вршеа неодговорно и неетички, според Владата.
Од таму ја изразија својата најостра и недвосмислена осуда велејќи дека некои странски медиуми „денес ја преминаа секоја граница на хуманост и достоинство во известувањето“ за трагичниот погреб во Кочани.
„Во време кога интегритетот, точноста и одговорноста треба да бидат основата на известувањето, сведоци сме на непочитување на овие принципи. Сензационализмот и стремежот кон фотографии и наслови кои вознемируваат, привлекуваат внимание и кои имаат предност пред вистината, ја деградираат самата суштина на новинарството“, нагласија од Владата.
Посочија дека ова не само што не е неприфатливо, туку е и длабоко штетно за целокупната јавност, но уште поважно за поединците и семејствата на погодените во оваа огромна трагедија.
Тие повторно упатија апел до сите медиуми да се придржуваат до највисоките стандарди на професионално известување и да ја почитуваат личната болка и достоинство.
„Правото на информации никогаш не смее да биде по цена на основната човечка пристојност“, велат македонските власти, додвајќи дека тие биле посветени на транспарентноста и слободата на медиумите.