Во дворот на некогашниот хемиски гигант има три депонии на линдан, од кои испитани се само малата и големата и заедно содржат повеќе од 50.000 тони линдан | Фото: Мета.мк

Владата на вчерашната седница го одобри планот за чистење на малата депонија со линдан во кругот на ОХИС. Пет децении откако илјадници тони линдан (канцероген инсектицид) се закопани во дворот на некогашниот хемиски гигант од времето на поранешна Југославија, се очекува конечно да започне неговото отстранување.

Иако од Министерството за животна средина (МЖСПП) претходно најавија дека чистењето ќе започне до крајот на март, процедурата за формален старт на санацијата на еколошкиот проблем број еден во земјата, сè уште не е завршена.

Откако грчката компанија „Полиеко“, која беше одбрана на меѓународен тендер со помош на УНИДО, го доставила планот за чистење на малата депонија со линдан, сега Владата му наложи на Министерството да донесе Решение за одобрување на планот.

„Ова решение на Министерството за животна средина и просторно планирање следува откако УНИДО, односно Агенцијата за индустриски развој на ОН го информираше Министерството дека планот доставен од грчката компанија специјализирана за овој тип активности „Полиеко“ е одобрен за спроведување на постапката за деконтаминација на почвата во АД „ОХИС“- Скопје“, информираат од владата.

Над 13.000 тони од опасниот линдан се лоцирани во малата депонија во кругот на ОХИС, при што во првите шест до девет месеци треба да се отстранат дел од депонијата или околу 700 тони на почва контаминирана со линдан. Вкупно, во малата и големата депонија во кругот на фабриката ОХИС се проценува дека има над 50.000 тони линдан помешан со земја.

Но, не се знае уште колку илјадници тони канцерогена хемикалија има во другите две депонии, едната во дворот на некогашната фабрика, а другата надвор од неа, кај локалитетот Пеленица близу Драчево.

Несоодветно складиран, само затрпан со земја, без гаранции дека е заграден со бетонски базен, линданот докажано го има во воздухот од Центар дури до Ѓорче Петров, а се наоѓа и во почвата и подземните води во широк круг околу ОХИС. Линданот во ОХИС претставува еколошки проблем број еден на земјата, кој со децении е игнориран.