Премиерот Зоран Заев информираше дека на владина седница е изгласан ребаланс на буџетот, се со цел, како што рече, „алоцирање на средства онаму каде што има најголема ефикасност и ќе се постигнат поголеми економски ефекти“.

„Со ребалансот расределуваме повеќе пари кај граѓаните, силна финансиска поддршка за бизнисот, повисоки плати во бизнис-секторот. Со ребалансот, ја ревидиравме стапката на економски пораст од 3,2 проценти на 3,5 проценти. Приходите се планирани од 210,5 милијарди денари, расходите на 228,3 милијарди денари, а дефицитот е непроменет од 17,7 милијарди денари односно 2,5 проценти од домашниот бруто-производ (БДП)“, рече премиерот Зоран Заев.

Дополнителни 200 милиони денари се предвидени за активни политики и мерки за самовработувања и млади вработени во производство, 400 милиони денари субвенции за придонеси за зголемување на платите во приватниот сектор до 6.000 денари, 183 милиони денари за колекторскиот систем на Охридскиот eзеро, поголем трансфер во Фондот за пензиско осигурување, пензиските друштва во вториот пензиски столб и друго.

Во однос на капиталните инвестиции, тие се намалени за 50 милиони евра, намалени се средства кај кредитирање на железницата, нереализирани водснабдителни системи, Коридор 10, кај рурален развој, хидросистемот Злетовица, кај ТИРЗ, Министерство за образование и наука и друго.

Министерката за финансии, Нина Ангеловска, информираше дека буџетот е во одлична кондиција.

„Има одлична наплата на приходите од 133 милијарди денари што е зголемување за 7,2 проценти во однос на лани и е 61,8 проценти од планираното за годинава. Расходите се реализирани од 139,4 милијарди денари, односно 60,9 проценти од годишно планираното“, рече Ангеловска.