Компанијата „Кожувчанка“ договорот за набавка на вода го доби преку тендер, а Владата плати 12,5 денари за едно шише вода од 1,5 литри, одговори Владата денеска на обвинувањата на Социјалдемократскиот сојуз, дека поради кризата во Гостивар е набавена вода без јавен повик.

„Точно е дека постапката со преговарање ја спроведе Службата за општи и заеднички работи и обезбедува вода бесплатно за граѓаните, а договорот преку тендер го доби компанијата „Кожувчанка“. Но, исто така е факт дека шише вода од 1,5 литри кое во малопродажба чини најмалку 25 денари, Владата го набавува по цена од 12,5 денари. Тоа е возможно затоа што компанијата „Кожувчанка“ учествува во набавката со сопствен придонес, со цел да им се помогне на граѓаните и институциите во услови на кризна состојба, посочуваат од Владата.

Од таму велат дека остануваат доследни на преземената обврска дека граѓаните на Гостивар ќе добиваат безбедна вода за пиење сè додека стручните лица и надлежните институции официјално не потврдат дека водата од водоводниот систем е исправна за употреба.