Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека нема да ги коментира ставовите на Министерството за финансии околу најавениот ребаланс на буџетот и проекциите за инфлацијата, посочувајќи дека тие прашања треба да бидат упатени до министерката за финансии.

Одговарајќи на новинарско прашање за критиките од економисти дека Владата брза со ребалансот и дека инфлацијата би можела да достигне околу 4,5 отсто, Мицкоски рече дека, според информациите што ги има, станува збор за вообичаена процедура.

„Ова што јас го знам е дека е вообичаена процедура во месец јуни да започнат процедурите и таму негде околу јули да се донесе ребаланс на буџетот. Впрочем, така беше и во 2024 и во 2025 година“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека до крајот на годината ќе има уште една конечна распределба на буџетот.

Во однос на инфлацијата, премиерот рече дека таа се зголемува насекаде во светот, но дека, според него, важно е да се споредуваат состојби од слични периоди и кризи.

„Ако ја споредуваме денешната состојба со состојбата од 2022 година, во истиот период, во месеците март, април и мај, ќе забележите дека тогаш инфлацијата била два пати поголема од сега. И тоа е успехот во справувањето со кризата и кризниот менаџмент“, изјави Мицкоски.

Според премиерот, доколку инфлацијата сега била двојно поголема од онаа во 2022 година, тогаш би можело да се каже дека Владата е неуспешна. Тој оцени дека треба да се споредуваат „споредливи работи“, односно периодите март, април и мај 2022 година со истите месеци во 2026 година.

Мицкоски рече дека, според него, актуелната енергетска криза е поголема од кризата во 2022 година, како и од енергетските кризи од 1970-тите години заедно, но дека Владата сепак успева да одржи двојно пониска инфлација во споредба со тогашната.

„Ние како Влада сепак успеваме да имаме двојно помала инфлација од тоа што имаше минатата влада, дури и во овие услови“, рече Мицкоски.
Тој се повика и на податоци од Меѓународниот монетарен фонд, наведувајќи дека мерките што ги применувала Владата биле меѓу највисоко рангираните во Европа според процентот од БДП.

„Според Меѓународниот монетарен фонд, не според Владата, мерките што ги аплицираше оваа влада се трети во Европа, во однос на процент од БДП во споредба со сите земји. Тогаш бевме на дното, сега сме во првите три. И тоа е емпириска разлика. Тоа го велат реномирани институции, не Владата“, изјави Мицкоски.