Фото: Архива на „Мета.мк“

Владата на вчерашната седница ги задолжи Министерството за финансии во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање да започнат постапка за обезбедување на заем од меѓународни финансиски организации за воспоставување на регионални системи за управување со отпад во Југоисточниот, Вардарскиот, Пелагонискиот, Југозападниот и Полошкиот регион, информираат од владината прес-служба.

На владината седница била разгледана и усвоена Информацијата за потребните средства за воспоставување на регионални системи за управување со отпад во овие пет региони од земјава.

Иако поминаа 17 години од донесувањето на Просторниот план кој предвиде изградба на регионалните депонии во земјава, до денешен ден многу малку е направено за ова. „Мета.мк“ веќе подолг период наназад пишува за проблемите во врска со воспоставувањето на регионалните системи за управување со отпадот.

Најдалеку во реализацијата на овој капитален проект отидоа Североисточниот и Источниот плански регион, за кои се обезбедени средства од ЕУ во висина од 40 милиони евра. За овие два региона, идната регионална депонија ќе се наоѓа во селото Мечкуевци, Општина Свети Николе, за што годинава е предвидено да се објави тендерот за нејзина изградба и да почне изведбата.

Во меѓувреме, претстојниве недели во Североисточниот и Источниот регион треба да започне чистењето на сите ѓубришта и сметилишта на кои се одлага отпадот низ општините, вклучувајќи ги и постојните нестандардни депонии. Со обезбедените средства, во овие два региона веќе е набавена современа опрема за собирање и транспорт на отпадот за јавните комунални претпријатија од сите општини, вклучувајќи камиони, опрема за претоварните станици и зелени и жолти контејнери за селекција на отпадот од граѓаните.

Регионалниот систем за управување со отпадот до одредено ниво функционира и во Скопскиот плански регион, земајќи го во предвид постоењето на депонијата „Дрисла“ како единствена стандардна депонија која поседува А-интегрирана еколошка дозвола и на неа единствено е дозволено депонирање на отпадот од скопските општини. Сепак, и на Скопскиот регион ќе му бидат неопходни средства за набавка на контејнери и друга опрема за примарна селекција на отпадот уште од самите домаќинства, но и за селекција на отпадот во рамките на самата депонија „Дрисла“, како и за воспоставување на погони за третман, вклучувајќи го и рециклирањето на ѓубрето.