Два дена пред истекот на рокот кој и го дадоа организаторите на еко-протестот одржан минатиот петок, Владата објави соопштение во кое вели дека ги прифаќа сите седум првични барања на „Марш за чист воздух“.

Како што веќе пишуваше „Мета“, откако првично ја одбија поканата на Владата за преговори, 30-те еколошки граѓански здруженија кои го организираа минатонеделниот протест против загадување во Скопје упатија контра-предлог во кој бараат Владата да исполни седум од преку 200-те барања од т.н „Зелена книга“ како предуслов да седнат на заедничка маса.

На ургентната листа на здружените граѓански иницијативи организатори на „Маршот за чист воздух“ како прво се најде барањето за итно донесување на Детален урбанистички план (ДУП) за Вардариште. Одговорот на Владата е дека ова барање е прифатливо, притоа информирајќи дека овој ДУП на општина Гази Баба за Вардариште моментално е на усогласување во Градот Скопје, и се очекува да биде усвоен на наредната седница на Советот на Градот. Потоа, информираат од Влада, Министерството за транспорт и врски и Општина Гази Баба во најкраток можен рок ќе го разгледаат усогласениот ДУП, по што планот ќе биде усвоен најдоцна до крајот на 2019 година.

Прифатено беше и барањето Јавното обвинитиелство да покрене истраги за ОХИС и за палењето кабли во Скопје со напомена дека Владата ги става на располагање сите доказни материјали кои се прибрани од Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина, повикувајќи го Јавно обвинителство да го слушне гласот на граѓаните и да отвори постапка за ОХИС и за палењето на кабли во Скопје.

„Со ова само сакаме да потенцираме дека МЖСПП и ДИЖС секогаш и без исклучок соработуваат и ќе соработуваат со истражните постапки на републичкото Јавно обвинителство или на Јавно обвинителство Скопје, како и со сите останати основни јавни обвинителства“, стои во соопштението на Владата.

Барањето на еко-здруженијата Влада да ги усвои измените и дополните на Законот за животна средина исто така се прифаќа и Владата веќе денес ќе ги стави на дневен ред на Генералниот колегиум, за следниот вторник таа точка се најде на дневен ред на Влдата. Предлог-измените се однесуваат на начинот и методологијата за идентификација на контаминираните подрачја, видот и нивоата на опасни супстанции во медиумите на животната средина како показател за контаминацијата на одредено идентификувано подрачје, и даваат насоки за дефинирање на планови за управување со контаминирано подрачје.

Владата објави дека го прифати и барањето да се стопира усогласувањето на законите од областа на заштита на здравјето на луѓето, заштита на природни богатства, животна средина, заштита на културно наследство, заштита од природни и други непогоди, комунална хигиена со Законот за прекршоци, што според екологистите ќе значи премногу мали казни за прекршителите.

На листата ургентни барања до Владата се најде и поднесувањето на веќе изготвената апликација за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко блато како водно живеалиште од меѓународно значење до Рамсарскиот секретаријат и ова барање исто така е прифатено од Владата и оттаму информираат дека апликацијата ќе биде поднесена откако ќе биде потпишан анексот на Студијата за валоризација за Студенчишко блато, како и потпишувањето на Договорот за Студија за ревалоризација на Охридското Езеро помеѓу ГЕФ, МЖСПП и УНЕП до крајот на 2019 година.

Во врска со барањето за одземање на концесијата на „Еуромакс“ за рудникот Иловица-Штука, Владата ги потсети активистите на „Маршот за чист воздух“ дека одлуката за одземање на концесијата на „Еуромакс“ за рудникот Иловица-Штука е веќе донесена и по завршувањето на жалбената постапка која е во тек во Управниот суд, таа ќе стапи во сила, додека пак за барањето за одземање на истечената концесија за експлоатација за рудникот Плавица, Владата се обврзува да ја донесе оваа одлука најдоцна до 17.12.2019.

Соопштувајќи дека ги исполнила барањата на еко-здруженијата Владата истовремено ја повтори поканата за средба со претставници на еко-отпорот. Се очекува во текот на денот организаторите на протестот Fridays for future Скопје и уште 30 граѓански здруженија, меѓу кои O2 Иницијатива, Не Биди Ѓубре, Скопје Смог Аларм, Мој Воздух, Движење за чист воздух, Eco Guerilla, Младите од Иловица и Штука, Охрид SOS, Анима Мунди и останати да се изјаснат дали ја прифаќаат поканата на Владата и кои се следните нивни чекори.