Ги повикуваме сите граѓански организации внимателно да ги следат сите постапки на јавните набавки, со една цел, колку што е можно повеќе да ги отстраниме сите сомнежи како се прават постапките, рече министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, на денешната прес-конференција, на која, со министерот за здравство, Венко Филипче, генералниот директор на ЕЛЕМ, Драган Миновски и директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Пеце Мирчевски ги повикаа граѓанските организации внимателно да ги следат сите јавни набавки на државните органи.
– Ги повикуваме граѓанските организации што имаат експертиза за тоа, медиумите и граѓаните, внимателно да ги следат сите набавки. Целта е да се следи како се трошат парите на граѓаните и граѓанските организации ќе имаат можност да се вклучат од самиот почеток на постапката се до склучување на договорите – рече Поповски.
Министерот за здравство Венко Филипче, рече дека сите заинтересирани граѓански здруженија ќе имаат можност за увид од почнување на тендерската постапка, па се до склучување на договорите во министерството за здравство. Дополнително, тие ќе може да присуствуваат на сендиците на комисиите за јавни набавки.
– Во следниот период Министерството за здравство, во соработка со експерти од невладиниот сектор, ќе изврши анализа на ризиците од корупција во јавните набавки во Министерството за здравство. Со увид на ризик-факторите при процес на јавните набавки, ќе се намали и ризикот од судирот на интереси, во насока на спречување на непотизам и блиски релации со компании пријатели. Се прават анализи и за промена во самите тендерски постапки. Се проценуваат потребните количини за набавка на лекови, за да се намали потребата од интервентен увоз на лекови, но се прават и обиди за заштеда од неколку милиони евра со систем на централизирани набавки – изјави Филипче.
Генералниот директор на ЕЛЕМ, Драган Миновски исто така рече дека компанијата е целосно отворена за увид во тендерските постапка од почеток до крај, па дури и во оние фази за кои постои доверливост во постапката.
– Имавме состанок со неколку невладини организации и сме максимално отворени за бараните податоци. Подготвени сме на партнерски однос, заштита на доверливоста за неизнесување на податоци на трети страни за да не се наштети на постапката – рече Миновски.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Пеце Мирчевски рече дека оваа служба ги отвора вратите за граѓаните да ги мониторираат јавните набавки.
– Нема место за провизии и приоритетни добавувачи. Сите тендерски договори ги објавуваме пред очите на јавноста – рече Мирчевкси.