Владата ги држи во тајност препреките за реализирање на инвестицијата на Попова Шапка

Две години по ред преговорите се одолговлекуваат и до денес нема никаков епилог, а институциите во земјава оваа тема ја чуваат во „строга тајност“ од јавноста, и до сега дале многу малку информации за процесот

Попова Шапка, фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

Од Владата на Република Северна Македонија не посочуваат каде е проблемот со реализацијата на процесот за италијанската инвестиција на Попова Шапка. Иако велат дека се обидуваат да најдат решение, од таму не даваат конкретни информации, туку само се правдаат. Овој процес со години се одолговлекува потврдуваат и последователните изјави на италијанската компанија. Скијачкиот центар и оваа сезона ќе се соочи со истите проблеми, пишува Порталб.мк.

На 19 декември 2024 година се навршуваат две години од денот кога италијанската компанија „ТехноАлпин“ во 2022 година го претстави планот и проектот за развој на туристичкиот центар „Попова Шапка“.

Две години по ред преговорите се одолговлекуваат и до денес нема никаков епилог, а институциите во земјава оваа тема ја чуваат во „строга тајност“ од јавноста, и до сега дале многу малку информации за процесот.

Покрај тоа, пред неколку дена министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, за Порталб.мк изјави дека „разговорите се започнати одново“.

Актуелната влада на РСМ обвинува дека претходната влада не направила ништо за овој проект, но тие самите не даваат информации за проблемите во овој процес.

„Ние како Влада работиме на сите процеси кои се заглавени поради големите неуспеси на претходната влада. Разговараме со сите заинтересирани страни за да најдеме најдобро решение во интерес на сите граѓани. Во моментот кога ќе има подетални информации, ние навремено ќе ја информираме јавноста“, велат од Владата за Порталб.мк.

Побаравме Владата да биде поконкретна и детално да објасни за проблемите, но оттаму одбија да дадат одговори.

Во однос на вашите прашања, сакаме да нагласиме дека остануваме на одговорот што ви го испративме претходно“, велат од Владата.

Дека овој проект се одолговлекува веќе две години, потврдуваат и од италијанската компанија „ТехноАлпин“. Порталб.мк е во постојана комуникација со нив веќе две години.

„За жал, сè уште немаме некоја нова вест за споделување во врска со вашето барање“, велат од ТехноАлпин.

Од друга страна, пратеникот во Собранието на РСМ од опозициската СДСМ и поранешен претседател на Комисијата за стратешки инвестиции во претходниот владин состав, Фатмир Битиќи, пред извесно време за Порталб.мк изјави дека проектот не можеше да се финализира пред изборите.

„Преговорите не успеаја да се финализираат пред да се распишат изборите. Затоа не продолжија. Сите документи се во Владата. Не е откажано, нема таква одлука. Дали ќе продолжат преговорите зависи од новата Влада“, рече Битиќи.

„ТехноАлпин“ во декември 2022 година го претстави нивниот план за развој на овој туристички центар. Инвестицијата е планирана да се реализира во седум фази и е во вредност од околу 180 милиони евра.

Во врска со овој проект надлежните ветија многу, но преговорите се уште немаат епилог и досега не е потпишан никаков договор.

Попова Шапка со години е запоставена бидејќи таму не се инвестира. Меѓу најголемите проблеми се урбаниот хаос, немањето доволно простор за паркирање, лошото управување со отпадот, дивоградбите и многу други.

Туристичката сезона во Попова Шапка годинава започна на 13 декември 2024 година. Поради недоволните снежни врнежи последните години скијачките сезони се неуспешни и со многу загуби.