Владата апелира до граѓаните да бидат уверени дека сите мерки што се преземени за прифаќањето на наши државјани од странски земји, се по највисоки здравствени стандарди. Станува збор за обезбеден капацитет од 2.104 легла во моментов во целата држава, во 19 сместувачки објекти, а од нив пополнети до сега се 1.082 легла.

„Граѓаните сместени во државните карантински објекти не се закана за никого, а објектите ги обезбедуваат полицијата и војската. Ниту еден граѓанин сместен во државен карантин во периодот од 14 дена не смее да ја напушти сопствената соба, ниту објектот, а секој кат од секој сместувачки објект е строго контролиран и обезбеден. За секого е направена епидемиолошка анкета и определен е соодветен режим во карантинскиот објект. Нема ниту најмал простор за загриженост, а најмалку за паника, обезбедени се највисоки здравствени стандарди и протоколи“, стои во соопштението од Владата.

Се додава дека сите мерки што се преземени за карантин, се направени согласно препораките на Светската здравствена организација и стручни анализи и проценки.

„Ја поддржуваме Општина Битола која повика на солидарност, човечност и колективност. Заедничка мисија нека биде граѓаните сместени во објектот предвиден за карантин, да ги поминат во мир 14-те денови во изолација, бидејќи не се таму по сопствена волја“, стои во соопштението.

Од Електрани на Северна Македонија, ЕСМ, информираа дека хотелот ,,Молика” на Пелистер, кој е во нивна сопственост, од денеска ќе биде државен карантин за 90 лица кои дебеска ќе се вратат од странски држави. „Во хотелот ќе бидат обезбедени сите услови за престој за периодот додека трае пропишаната изолација. На располагање на државата ЕСМ ги става и своите хотели „Попова Шапка” и „Славија” на Попова Шапка, каде се очекува во текот на утрешниот ден да се сместат граѓани за кои беше обезбедено организирано враќање од странство и кои ќе го поминат изолациониот период во овие капацитети“, соопштија од ЕСМ.