Владата дозволи работа на дискотеките со максимум 50 отсто исполнетост на капацитетите

Photo by Antoine J. on Unsplash

За првпат од почетокот на ковид-19 пандемијата во март 2020 година, дискотеките во земјава ќе можат да почнат со работа. Ноќните журки во баровите и ноќните клубови со 50 отсто исполнетост од капацитетот во затворен простор ги дозволи Владата на вчерашната седница, а се во согласност со моменталната епидемиолошка состојба во државата и се на предлог на Комисијата за заразни болести, информираат од владината прес-служба.

„Се дозволува работа на барови и ноќни клубови – дискотеки, како и на угостителските објекти кои се регистрирани за прослави (веселби, свадби, родендени, крштевки и слично) во затворениот дел на објектите до 50 отсто исполнетост од капацитетот на просторот“, гласи владината одлука.

Сепак, за влез во секаков вид на угостителски објекти, како и организирани настани од секаков вид, неопходно ќе биде по 15 ноември да се поседува сертификат за извршена вакцинација со две дози на вакцина против ковид-19 или сертификат за прележан ковид-19 во последните 45 дена. До 14 ноември за влез во ваквите објекти ќе се бара сертификат за извршена вакцинација со примена прва доза на вакцина или сертификат за прележан ковид-19 во последните 45 дена.

Владата на вчерашната седница дозволи организирање и одржување на семинари, обуки, курсеви, состаноци, работилници, конференции и слично, во затворениот дел на објектите до 50 отсто исполнетост од капацитетот на просторот.

Ваквата владина одлука доаѓа само неколку дена откако сопствениците на ноќните клубови во земјава се собраа на заеднички состанок во Штип, најавувајќи граѓанска непослушност поради тоа што се затворени. Тие најавија дека од овој викенд своеволно ќе започнат со работа, доколку Владата не им дозволи да отпочнат со организирање на журки.