Владата донесе одлука да го поништи државјанството на Онишченко

Македонската влада на денешната седница одлучи да се поништи одлуката за прием на Олександр Онишченко во државјанство на Република Северна Македонија, информираат од владината прес-служба.

„Владата ја донесе одлуката откако го разгледа известувањето од Министерството за внатрешни работи, во кое што се информира за можноста за одземање на веќе дадено државјанство, што беше побарано од страна на Владата, на претходна владина седница. Денешната одлука на Владата е базирана на Законот за државјанство на Република Северна Македонија“, стои во владиното соопштение.

Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи да постапи веднаш по донесената одлука за поништување на одлуката за прием на Онишченко во македонско државјанство.

Инаку, случајот со давање македонско државјанство на контроверзниот Украинец Олександер Онишченко прв го објави Призма.мк, која посочи дека иако тој бил на црната листа на САД, сепак добил македонски пасош.

По откривањето на ваквиот скандал, премиерот Димитар Ковачевски рече дека тој е категоричен оти мора да се утврди одговорноста за доделувањето државјанство на Украинецот, кое, инаку, е одобрено по четири позитивни мислења од различни институции доставени до Владата. Меѓу нив, и Агенцијата за национална безбедност дала позитивно мислење за Украинецот да добие македонско државјанство.