Дваесет и шест граѓански организации, иницијативи и платформа побараа од Владата итно да ги поништи или стави вон сила одлуките и јавните повици за доделување концесии за проспекциски геолошки истражувања на металични минерални суровини.

Барањето се однесува на одлуки донесени во декември 2025 година и во јуни годинава за просторот „Север–Североисток“ и за просторот „Исток“, како и за јавниот повик  од февруари годинава, но и за секој друг повик што би бил објавен врз основа на овие одлуки.

Организациите, меѓу кои се и Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис, Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко свест, Зелен Хуман Град, О2 Иницијатива, Платформа на граѓански организации за борба против корупцијата, но и организации како Зелена котлина, кои долги години се борат токму против отворање нови рудници, велат дека одлуките опфаќаат 29 општини во источниот дел на државата, каде во значителен дел од овие простори веќе биле спроведувани проспекциски геолошки истражувања или биле доделени концесии за детално истражување и експлоатација на металични минерални суровини.

„Организациите бараат Владата и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини веднаш да ги запрат сите активности во постапките, вклучително приемот и евалуацијата на понудите и електронската аукција закажана за 6 август 2026 година. Според анализата на организациите, само од 2004 година наваму со различни видови концесии биле опфатени околу 100 проценти од териториите на Пробиштип, Делчево и Карбинци, 97 проценти од Пехчево, 94 проценти од Чешиново-Облешево, 89 проценти од Кратово, 87 проценти од Зрновци и Виница, 86 проценти од Радовиш, 85 проценти од Берово, итн“, посочуваат граѓанските организации.

Тие предупредуваат дека значителни делови од просторите опфатени со Одлуките на Владата за доделување на нови концесии се преклопуваат со претходно истражени простори, постојни и претходни концесии за детални геолошки истражувања и експлоатација на металични минерални суровини. Според нив, со тоа се повредува член 7-а став (2) од Законот за минерални суровини, кој забранува проспекциски истражувања на веќе истражени простори, простори за кои се води постапка по иницијатива за доделување на концесии за детални геолошки истражувања, веќе доделени простори под концесии за вршење на детални геолошки истражувања, концесии за експлоатација на минерални суровини.

„Министерството било должно пред доставувањето на предлогот до Владата точно да ги утврди границите и да ги исклучи сите законски забранети површини. Нивното вклучување во поширок концесиски полигон не е дозволено, ниту пак може да се исправи во подоцнежна фаза од постапката“, наведуваат организациите.

Поради приближувањето на роковите, тие бараат постапките веднаш да бидат запрени, а Владата во рок од три работни дена писмено да ги извести за преземените дејствија.

„Поради рокот за доставување понуди до 31.7.2026 година и електронската аукција закажана за 6.8.2026 година, очекуваме Владата и Министерството веднаш да донесат привремена одлука за запирање на постапката и во рок од три работни дена писмено да нè известат за преземените дејствија. Очекуваме Владата да постапи во согласност со Законот за минерални суровини, да ги поништи/стави вон сила предметните одлуки, целосно да ги прекине постапките и да спречи доделување концесии врз основа на постапки што
опфаќаат законски исклучени простори“, бараат организациите.