Владата да не планира нови рудници за јаглен, апелираат еколошките организации

Панорама на површинскиот коп на рудникот за јаглен „Суводол“ | Фото: ЕСМ

Најголемиот дел од инвестициите да се насочат кон обновливите извори на енергија, а да се затворат сите постројки кои работат на јаглен е заедничкиот став на еколошките граѓански организации за програмата на Владата за животна средина. Екологистите ѝ забележуваат на новата влада што на маса го враќа отворањето на рудникот „Живојно“, кој ќе значи и продолжување на векот на РЕК Битола, но и за многу нејаснотии во програмата поврзани со подготвеноста за трансфер кон зелена економија и почиста средина. Во програмата недостасува Фондот за животна средина, кој беше присутен во претходната, не е дефинирана енергетската сиромаштија, ниту пак се промовира еколошкото образование.

Од навледината организација „Еко свест“ очекуваат да се забрзаат декарбонизацијата на сите сектори и активностите за прилагодување кон новонастанатите климатски услови за ранливите сектори. Сметаат дека затворање на сите ТЕЦ на јаглен и изградба на соларни електрани како и олеснување на условите и зголемување на субвенциите за кровни фотоволтаици на домаќинствата е најмалку што Владата може да направи за да обезбеди ублажување на климатските промени. Сепак, од граѓанската организација се загрижени што во програмата сè уште се остава простор за експлоатација на минерални суровини. Тие предлагаат отпочнување на транзицијата кон затворање на сите копови и премин кон алтернативни економски гранки.

Водата како ресурс мора да има висок приоритет за заштита во услови на зачестени и продолжени сушни периоди. Освен забрана за изградба на мали хидроелектрани во заштитени подрачја и национални паркови, екологистите бараат да се воведе и забрана за поголеми инфраструктурни објекти и зафати во зони кои ќе бидат предвидени за заштита- согласно сите степени за заштита кои постојат.

Елена Николовска, „Еко-свест“ | Фото: лична архива

„Ревитализацијата и модернизацијата на сите три блока во РЕК Битола со редукција на прашина и десулфуризација се навистина долгоочекувани проекти, меѓутоа, Енергетската стратегија предвидува затворање на РЕК Битола во период од следните осум години, во зависност од сценариото. Се отвора прашањето зошто се прават планови кои се во конфликт со сите сценарија на Енергетската стратегија? Дополнително, не е јасно какви можности за употреба на различни типови на гориво се предвидуваат за РЕК Битола со ревитализацијата“, вели Елена Николовска од „Еко свест“.

Посочува дека е подобро да се инвестира во праведна транзиција и преквалификација на вработените со можност за развој на Битола во културен центар. Продолжувањето на користење на јаглен, ќе даде лоши резултати и во однос на јавното здравје и на квалитетот на воздух, затоа што и покрај мерките за намалување на прашината и другите емисии може да се очекува дека граничните вредности за емисии на Светската Здравствена Организација (СЗО) ќе бидат надминати.

Секое планирање на енергетски проекти мора претходно да ја земе предвид евентуалната штета врз дивиот свет и животната средина, дури и ако се работи за фотоволтаици и веретни електрани. Екологистите предлагаат да се направат истражувања и енергетско планирање кое е безбедно за животната средина и нема да направи штета врз дивиот свет и живеалиштата, а треба да се испита и можноста за поставување на ваквите енергетски инсталации врз веќе деградирано земјиште како стари рудници и ископи.

„Кога станува збор за управувањето со отпадот, единствен начин безбеден за климата е систем за селекција на отпад и силна кампања за намалување на отпадот во домаќинствата. Претворањето на отпадот во енергија предизвикува дополнително загадување и емисии кои се чекор назад на патот кон циркуларната економија“, вели Николовска.

Од невладината организација „Гоу Грин“ се задовони што Програмата на Владата вклучува многу мерки кои се значајни за животната средина и климатските промени, но она што сериозно загрижува е планот за отворање на нов рудник за јаглен, „Живојно“, и ревитализацијата на големите хидроцентрали, што се коси со принципите на заштита на животната средина и ублажување на климатските промени.

Антонио Јовановски, „Гоу Грин“ | Фото: лична архива

„Ова остава сомнеж дека животната средина и екологијата не е вистински приоритет на Владата и повторно водата, воздухот и почвата ќе страдаат на сметка на економијата. Искрено апелираме до Владата да ги почитува петте принципи кои се дел од програмата во делот „животна средина и зелен развој“, а особено принципот за интегрирање и приоретизирање на заштитата на животната средина во другите политики- земјоделство, транспорт, енергетика, индустриска политика“, вели Антонио Јовановски од „Гоу Грин“.