Извор: Скриншот од видео објавено од Катерина Слатинова на Фејсбук: https://www.facebook.com/katerina.slatinova/videos/5388581504517013

На синоќешната седница Владата донесе заклучок според кој, Општина Охрид треба да ги превенира градежните работи на локацијата на поранешниот ресторан „Парк-Горица“, додека не се утврди фактичката состојба од стручна комисија на Министерството за транспорт и врски. Комисијата треба да изврши увид во процесот на издавање/спроведување на одобрението за градење на оваа локација кај поранешниот ресторан „Парк-Горица“ и за своите наоди да ја извести Владата.

Усвојувајќи ја Информацијата за спроведување на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, дополнително Владата ѝ укажа на Општина Охрид, во рок од два дена да достави Информација за важноста на одобрението за градба на локацијата на местото на ресторанот-дискотека „Парк“. Согласно член 66 од Законот за градење, како што соопштија од Владата, одобрението за градење престанува да важи ако инвеститорот не почне со изградба во рок од две години од денот кога одобрението за градење станало правосилно.

Инаку, последниов викенд беа срушени некогашната дискотека и ресторанот „Парк“. Станува збор за приватен имот, чиј сопственик ги обезбедил потребните дозволи. Според најавите, на оваа локација планирано е да се гради хотел на три ката и потпокрив.

Од граѓанското здружение „Охрид СОС“ поднесоа иницијатива до Инспекцискиот совет, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Државниот управен инспекторат за итен инспекциски надзор врз зафатите кои започнале врз објектот на ресторанот „Парк“.