Владата на вчерашната седница ја усвоила информацијата за субвенционирање на високоефикасни инвертер – клима уреди за 10.000 домаќинства во Скопје, Тетово, Битола и Кичево, кои сега за греење користат печки на дрва, јаглен или нафта. Предвидени се по 1.000 евра за секое семејство.

Парите за субвенциите ќе треба да ги обезбеди јавното претпријатие АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ). Станува збор за 618 милиони денари (10 милиони евра). Дополнително, АД ЕСМ ќе треба да плати и за јавна едукативна кампања за со која ќе се илустрираат предностите на замената на старите печки со инвертер-клима уреди.
Во спроведувањето на оваа мерка и контролата врз неа ќе бидат вклучени и две граѓански организации, кои ќе ги избере Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор.

Владата на вчерашната седница го утврдила новиот текст на Предлог – законот за енергетска ефикасност и ќе го испрати во Собранието на изгласување.

Целта на овој закон е да се обезбеди намалување на енергетските потреби и потрошувачка преку ефикасно користење на енергијата и да го намали негативното влијание врз околината. Со новите законски мерки ќе се зголеми енергетската ефикасност во областа на домувањето и градежништвото, ќе се зголеми енергетската ефикасност во јавниот сектор, кај големите трговци и во транспортниот сектор, и ќе се постигне поголем степен на искористување на обновливите извори на енергија.

Во рамките на еколошките теми од вчерашната 158-ма владина седница била усвоена Информацијата за нацрт-предлозите за можните видови субвенции при купување на нови возила и наложила да се формира работна група составена од претставници на Министерството за економија, на Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, на Министерството за финансии, на Царинската управа и на Здружението на увозници на автомобили. Работната група треба да изготви решение за субвенционирање на набавката на нови возила.