Владата ќе организира авионски превоз за враќање во земјава на македонски граѓани кои се моментално во странство, по претходна листа од Министерството за надворешни работи, МНР. Таа е подготвена ќе ги покрие и трошоците за билетите на сите патници. А, потоа, во рок од 15 денови, лицата треба да и ги вратат парите на посебна сметка, иако од аеродром, директно ќе бидат транспортирани во карантин 14 денови.

Како што соопшти Владата, за таа цел, Генералниот секретаријат ќе објави јавен повик според дестинација и број на патници, врз основа на доставените листи од МНР, за да се приберат понуди за чартер летови од градовите во Европа, до Македонија.

„Крајниот рок за прибирање понуди е 12 часа од моментот на објавување на повикот.
Критериум за доделување на договор за јавна набавка е најниската цена. Генералниот секретаријат ќе склучи договор и ќе изврши плаќање на избраната најповолна понуда врз основа на дадениот критериум за избор“, соопштија од Владата.

Лицата кои ќе се пријават на повикот, при влез во авионот ќе потпишат договор со Владата, во кој ќе гарантираат дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет на сметка на Владата и ќе пополнат изјава дека се согласни, по пристигнување на територија на Македонија, да бидат сместени во објектите за државен карантин, во траење од 14 дена.

Во соопштението се појаснува дека, лицата ќе бидат преземени од Меѓународниот аеродром Скопје, со организиран превоз ќе одат до местата определени за државен карантин. Тие имаат рок од 15 дена од денот на пристигнувањето, да извршат уплата на сумата за авиобилетите. Враќањето на средствата треба да биде на образец ПП-50 во кој треба да ги внесат следните податоци:

Назив на примач: Буџет на Република Северна Македонија,

Транс.сметка 100 000000063095, Сметка на корисник 630010001963019

Приходно конто   725939 00

Во цел на дознака: Враќање средства на сметка 040010007863713, расходно конто 420220 потпрограма 10

„Договорот меѓу патниците и Владата, со кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата за авионскиот билет на сметка на Владата, има својство на извршна исправа и може да биде предмет на извршување во случај на неисполнување на обврската од договорната страна“, стои во владиното соопштение.