Министерката за финансии Нина Ангеловска информираше дека владата наредната недела ќе обезбеди над 580 милиони евра од странски банки, Меѓународниот монетарен фонд и од Светската банка за одржување на ликвидноста на буџетот и за гарантирање на одржувањето на работните места во земјава. Владата на вчерашната седница го усвоила планот на Министерството за финансии во делот на задолжувањето и финансирањето на буџетот на следниот период.

Во планот за задолжување и финансирање се предлагаат три извори на финансирање. Станува збор за заем до издавање на државната еврообврзница во висина од 400 милиони евра за да се сервисираат потребите во време на справување со корона вирусот, информираше министерката Ангеловска.

„Овој заем ќе биде целосно отплатен со средствата кога ќе се издаде еврообврзницата. Тоа може да се случи на крајот од годинава или на почетокот на наредната година“ изјави таа.

Овој заем од странските банки ќе биде под поволни услови, а процесот за задолжување ќе започне од понеделник. Министерката Ангеловска очекува поволна каматна стапка за овој заем, пониска од 2,75 отсто.

Покрај овие 400 милиони евра заем, Владата ќе ги повлече и 87 милиони евра од ММФ, на кои Македонија има право како членка на Фондот. Исто така, владата ќе побара средства за развојни политики од Светската банка, од каде се очекува да се повлече износ од околу 100 милиони евра. Министерството за финансии ќе ги достави овие барања до меѓународните институции веќе во понеделник. Предлогот за повлекување на овие средства е потпишан и од дополнителната заменик-министерка на Министерството за финансии.

Министерката за финансии Нина Ангеловска на бројните прашања на новинарите околу мерките што ќе ги преземе владата за справување со економскиот застој предизвикан од корона вирусот, истакна дека се подготвува нов сет на мерки што ќе бидат дефинирани во текот на наредната недела. Таа најави кратења во буџетот на расходната страна и пренамена на средства кај различни буџетски корисници.

– Во услови на вонредна состојба, ребаланс на буџетот нема да биде потребен. Од друга страна, ќе имаме поголема флексибилност, агилност и брзина да делуваме. Владата ќе може да носи уредби за прераспределба и реалокација помеѓу буџетските корисници. Очекуваме најголемите ефекти од корона кризата да се почувствуваат во вториот квартал – изјави министерката Ангеловска.

Покрај одржувањето на ликвидноста на државниот буџет, при донесувањето на новиот сет мерки министерката Ангеловска вети дека ќе бидат насочени кон задржување на постојните работни места на работодавачите во земјава.