Владата го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести на Министерството за здравство да се продолжи препораката за ограничување на јавните настани со гости од странство, препораката за неодржување на поголеми јавни собири и настани, како и препораката спортските натпревари да се одржуваат без публика до 13 март 2020 година, и ги утврди како свои заклучоци и препораки до јавноста и до институциите.
„Ова е одлука од денешната 14. седница на Владата, на која министерот за здравство Венко Филипче информираше за актуелната состојба со корона вирусот во земјата, и ги запозна членовите на Владата со информациите кои доаѓаат од постојаната комуникација со соодветните институции од земјите од регионот, Европа и од Светската здравствена организација. На седницата е прифатена и информацијата дека заради проширувањето на вирусот во повеќе земји од Европа и региони во светот, Институтот за јавно здравје редовно ја ажурира листата со ризични земји и ја доставува до сите членови на Комисијата, како и до сите надлежни гранични служби и до граничната полиција,“ се вели во соопштението на Влада.
На оваа седница Владата ја прифати и ја усвои и препораката на Комисијата за заразни болести, царинските служби и туристичките агенции редовно да доставуваат ажурирани списоци со податоци за патниците кои влегуваат во земјата организирано, како и листи со податоци за патниците кои се превезуваат со редовните линии.
Согласно ситуацијата во Европа, ситуацијата во Италија, како и во другите подрачја со поголем број регистрирани случаи со корона вирусот, останува препораката на Владата за сите патници од овие региони, да го пријавуваат влегувањето во земјата и да ги известат здравствените и безбедносните власти на граничните премини доколку се сомневаат дека имаат симптоми кои можат да бидат последица на контакт со корона вирусот.