Фото: Влада на РСМ

Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација и Асоцијацијата за заштита на националните печатени медиуми (АЗНПМ), денеска во Владата на Република Северна Македонија, организираше јавна дискусија на тема „Утврдување модел на системско решение за поддршка на печатените медиуми”.

Воведни обраќања имаа министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, генералниот секретар на Владата, Методија Димовски, претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски и претседателот на АЗНПМ, Лирим Дулови, по што следеше дискусија со присутните претставници на печатените медиуми.

Во оваа прилика министерот Алити истакна дека подемот на новите технологии ја смени и реалноста на медиумскиот простор, што се одрази врз квалитетот на информирање и особено врз финансиската одржливост на печатените медиуми. Токму поради ова, како што подвлече, Владата на Република Северна Македонија од 2018 година, преку годишни програми обезбедува финансиска поддршка за печатените медиуми, а веќе размислува и за модел за континуирана системска поддршка.

Генералниот секретар на Владата, Методија Димовски оваа дебата ја оцени како чекор кон изнаоѓање квалитетно решение, укажувајќи на исклучително тешкиот период во време на КОВИД-19 пандемијата, кога дел од средствата за поддршка на печатените медиуми беа редуцирани. Димовски истакна дека од исклучително значење е сегашната програма за поддршка на печатените медиуми, да се преточи во системско законско и инклузивно решение, со посебен осврт на регионалните медиуми и културната разнообразност на медиумскиот амбиент во државата.

Фото: Влада на РСМ

Претставниците на АЗНПМ, ЗНМ и на печатените медиуми го потврдија значењето на владината помош за печатените медиуми во изминатите години, укажувајќи на зголемените трошоци за нивна продукција, како и за важноста од нивното опстојување како бастиони на професионализмот и хроничари на историјата на државата.

Тие укажаа на важноста од подобрување на социјалниот статус на професионалните новинари и амбиентот во кој тие работат, апелирајќи за зголемување на продукцијата, квалитетот на медиумските содржини и производи и бројот на новинари вработени во овие медиуми.

На крајот на дискусијата заеднички беше оценето дека оваа дискусија е само еден сегмент во заедничките заложби за изнаоѓање модел за сочувување на печатените медиуми, преку предлог-законско решение за нивна поддршка, која ќе се разгледува низ инклузивна дебата во наредниот период.

 

Напишете коментар

Внесете го вашиот коментар
Please enter your name here