Вкупните приходи на 30 најголеми претпријатија основани од државата и од локалната самоуправа за периодот од 2015 до 2018 година се намалиле за дури 35 проценти. Просечната стапка на профитабилност за анализираните четири години изнесува скромни 5,9 проценти.

Ова го покажува „Финансиска анализа на работењето на државните претпријатија“ која денеска ја објави Центарот за граѓански комуникации денеска.

Анализата ја детектира состојбата и успешноста во работењето на 30 најголеми претпријатија во сопственост на државата и локална самоуправа чиишто вкупни приходи во 2018 година изнесувале 737 милиони евра и чии број на вработени изнесува 22.864.

„Наплатата на побарувањата на анализираните компании претставува слаба алка на работењето и изнесува 265 дена за четирите години, односно 243 дена за 2018 година. Обврските ги плаќаат во уште подолги рокови, за 514 дена просечно, односно 497 дена за 2018 година. Вообичаено во бизнисот компаниите што плаќаат со вака долги рокови се избегнуваат, или заради роковите на плаќање им се даваат значително повисоки цени од пазарните. Кредитната способност покажува дека вкупните долгови на анализираните претпријатија се малку повисоки од нивниот капитал и резерви, додека степенот на самофинансирање е во зоната на безбедност (87 проценти, односно 96 проценти за 2018 година)“, се вели во анализата.

Анализираните претпријатија успеваат да работат позитивно, покривајќи ги вкупните расходи во целост и остварувајќи вишок на приходи од четири проценти (за 2018 година, шест проценти) и тие поседуваат доволно парични средства за покривање на краткорочните обврски.

Анализата е направена врз основа на пет групи на финансиски индикатори изведени од годишните сметки на претпријатијата за периодот од 2015 до 2018 година. Станува збор за индикаторите за профитабилност, ефикасност, финансиска стабилност, економичност и ликвидност на претпријатијата.