fbpx

Вкупниот број на заболени од корона вирусот во Македонија достигна 13, најголем дел се од Дебар

-

Денеска во земјава се регистрирани четворица нови заболени со корона вирусот со што вкупната бројка на регистрирани заболени во Македонија достигна 13, информираше министерот за здравство Венко Филипче. Сите четворица се од регионот на Дебар и се поврзани со брачната двојка кај која вирусот беше откриен на 6 март по нивното враќање од Италија. На жената од брачната двојка и е влошена состојбата и можно е да биде ставена на апарат за механичка вентилација, додаде Филипче.

Поради ова, владата одлучи да прогласи кризна состојба во Дебар и Центар Жупа што значи дека овој регион во западниот дел од земјата ќе биде ставен во карантин.

Филипче објасни дека во текот на денот добиле материјали за тестирање од 10 лица од Дебар кои се во врска со првичните заболени сопружници, и од нив 4 биле позитивни. Сите ќе бидат префрлени на лечење на Клиниката за инфективни болести.

– Сите четворица се со лесна клиничка слика а се на вораст од 55 и 56 години. Ова е причината поради која дополнително со Комисијата за заразни болести разговаравме и предложивме да се воведе кризна состојба таму, рече Филипче додавајќи дека тоа ќе значи ограничување на движењето на луѓето кои живеат таму.

Министерот најави дека во следните 24 часа е закажана седница со управувачкиот комитет, на која ќе работат на оперативен план со детали како точно ќе функционира кризната состојба во Дебар и Центар Жупа.

Филипче, одговарајќи на новинарско прашање објасни дека од 21 лице што патувало заедно со брачната двојка од Дебар, кои се изолирани, ниту еден не бил позитивен на тестот за ковид19. Додека од останатите 24 лица со кои брачната двојка контактирала по враќањето од Италија, има регистрирано 9 заболени заедно со новите четворица.

Тој додаде дека му е земен материјал за испитување на патник од Германија кој имал лесно покачена температура и е изолиран. Материјали биле земени и од луѓето кои седеле околу него.

– Денеска целосно се почитува забраната за влез на странски државјани кои доаѓаат од земји со висок ризик согласно вчерашната одлука на владата, рече Филипче.

Првата пациентка, која беше евидентирана на 26 февруари е веќе заздравена и за нејзе се подготвува отпусно писмо за да биде пуштена од болница.

Филипче нагласи дека сите досегашни одлуки и мерки на владата во однос на заштита од корона вирусот мора да се почитуваат, а во спротивно ќе се преземат чекори и санкции согласно законот.

– Ова не е шега, луѓе. Не смее никој неодговорно да се однесува. Ако сме рекле нема масовни собири, нема масовни собири. Ако сме рекле во кафуле преку една маса да се седи, преку една маса ќе се седи. Мора да сфатат сите дека ова е за доброто на децата, за доброто на возрасните, за сите. Радикалните мерки ги преземавме откако видовме дека во Кина, во Италија, дале резултат токму ваквите радикални мерки. Овие мерки се сериозни и мора задолжително да се почитуваат. Ова сите нас нè допира – потенцира министерот.

Тој додава дека буџет на Министерството за здравство е пренаменет и сите пари се насочени кон зајакнување на капацитетите за институциите кои треба да ги лекуваат овие пациенти.

-Ние не можеме да претпоставиме како ќе се одвива ситуацијата. Се случи пренамена во оддели за интенцивна нега, се набавува опрема, апарати за дишење. Тука се насочени сите пари и целото внимание – информира министерот.

На прашањето како лицата со попреченост да бидат информирани за сето ова што се случува, тој вети дека ќе се обиде да им излезе во пресрет и ќе им обезбеди на лицата со оштетен слух и говор да бидат информирани на нивниот знаковен јазик.

Неговиот колега Дамјан Манчевски, апелира до населението да обезбедува документи во електронска верзија за да се избегне одење на шалтер.

– Ова особено важи за документи кои најчесто им се потребни на граѓаните, како на пример изводи од матична служба на родени, венчани и умрени. Тие може да се добијат по електронски пат. Досега можеше да се поднесе само електронско барање за истите, но отсега може во електронска верзија да го добијат документот, само за да се избегне одење на шалтери. Институциите треба што повеќе да ги бараат овие документи во електронска верзија. Потврдите од најпосетуваните институции – Агенцијата за вработување, Фондот за здравствено осигурување, Министерството за труд и социјална политика, како и Централниот регистар, се достапни електронски. За останатите 744 други услуги, може да се прочитаат сите информации за издавање на документи. Нема потреба да се оди на шалтер да се прашува – рече Манчевски.

Факти за заболените од корона вирусот во Македонија:
  • Во земјава досега се регистрирани вкупно 13 случаи на заболени со корона вирус.
  • Првиот заболен пациент беше откриен на 26 февруари. Педесетгодишната пациентка се враќала од Италија каде што престојувала еден месец. Таа сега заздравува и ќе биде пуштена од болница.
  • На 6 март беа откриени уште два случаи кај сопружници од Дебар кои допатуваа од Италија во возило со други патници. Откако се покажа дека се позитивни на корона вирусот, луѓето со кои биле во контакт беа ставени во домашна изолација.
  • До сега од брачната двојка во Дебар се регистрирани најголемиот број на случај во земјава.
  • На 9 март беа регистрирани уште тројца позитивни случаи од Дебар кои се во семејна врска на заразените сопружници од Дебар.
  • Истиот ден (9 март) позитивна на тестот за корона вирусот беше и директорката на Клиниката за кожни болести. Директорката, која е исто така доктор по професија, била на патување во Италија и по враќањето одела на работа и држела предавање на симпозиум на колеги.
  • Поради тоа, 193 лица со кои таа била во контакт се во домашна изолација, и засега, според министерот за здравство Венко Филипче, нивната здравствена состојба е добра.
  • На 11 март беа регистрирани уште два позитивни случаи, соседи на заразените од Дебар кои веќе се хоспитализирани.
  • Денеска, 13 март, се регистрирани уште четири нови случаи поврзани со сопружниците од Дебар.

Корона вирусот се појави во текот на декември минатата година во градот Вухан во Кина. Во оваа земја до сега се заразени повеќе од 80.981 лице, а починаа вкупно 3.173. Во Европа жариштето на вирусот е во Италија, каде се заразени над 12.462 лица, од кои 2.313 во последните 24 часа, според податоците од Министерството за здравство. До сега во Италија има вкупно 827 смртни случаи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Лицето кое ја уби 46-годишната Танкица Маладеновска во Кочани на 25 септември доби доживотна затворска казна, соопшти Јавното обвинителство. Основниот суд во Кочани донесе пресуда за злосторникот за кривичното дело...