Фото: prilep.gov.mk

Вкупниот број на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава надмина 1.700. Во моментов хоспитализирани се 1.735 пациенти и има околу 340 празни болнички кревети во ковид центрите, соопшти Министерството за здравство.

Од вкупниот број хоспитализирани пациенти, 1.009 се лекуваат во ковид центрите низ земјава, а останатите 726 во главниот град, каде и голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.

Од министерството потенцираат дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 140 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 85 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 41 пациент, во Велес се лекуваат 99 болни, а во Куманово 111 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19.

Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 100 пациенти, во Прилеп 124 во ковид центарот во Гостивар 44, а во Струга 22 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 96 пациенти, во Кочани 29, во Кичево 33, Кавадарци 61, а во Гевгелија 24 лица позитивни и суспектни на корона вирусот.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје пак, се хоспитализрани 49 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Во последното деноноќие, на Интерните и хируршки клиники имало 27 приеми.

Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 3 примени пациенти и 9 биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле не биле примени нови болни, а 2 пациенти биле примени на Клиниката за Детски болести. На Институтот за физикална медицина се примени 7 пациенти.

„Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 65 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“ велат од МЗ.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 18 оздравени пациенти.