Околу 8.500 евра е вкупната штета од демолирањето на Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија на протестите на 13 април. Оваа сума е утврдена со вештиот наод и мислење што ги изработи Бирото за судски вештачења, а изнесува 522.000 денари или 8.487 евра.
Застапникот на Државното правобранителство на денешното рочиште на Филип Наковски и на Никола Аризанов, првите демонстранти обвинети за демолирање на народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов, рече дека износот од 232.000 денари причинета штета на вкупната вредност на предметите според нивната вредност во моментот кога е направена штетата и која е потребна за канцеларијата да се доведе во првобитната состојба, а 289.000 денари е проценета штетата на вкупната вредност на оштетените и исчезнати предмети.
Бидејќи примероци од вештиот наод и мислење денеска им беа доставени на Судот и на одбраната на обвинетите, судијката Весна Петровска-Тагасовска, која го води предметот, на барање на адвокатот Владимир Данаилов го одложи и денешното рочиште за одбраната да изврши увид.
Данаилов најави дека ќе побараат второ вештачење на штетата и дополнително ќе се произнесат во однос на наводите на Државното правобранителство.
Рочиштето е одложено за 20 мај.
Покрај двајцата демонстранти Филип Наковски и Никола Аризанов, денеска во судот беа спроведени и членовите на Левица, Здравко Савески и Владимир Куновски, кои во присуство на своите бранители треба да извршат увид во доказниот материјал што го понуди Основното јавно обвинителство Скопје. Судењето за Савески и за Куновски е закажано за 19 мај.