Одложувањето на изборот на директор на Агенцијата за информации од јавен карактер, според новинарите и експертите за транспарентност, ја отвора можноста за менување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Ова се случува поради тоа што со стапување во сила на овој закон, политичките партии ќе бидат исто така обврзани да објавуваат информации во случај граѓаните, медиумите и невладините организации да поднесат барање до нив, пишува „Порталб.мк“.

Изборот на директор би го отворил патот за ставање во функција на агенцијата и за имплементација на новиот закон, којшто треба да стапи на сила на 30 ноември а во моментов е заложник на политичките спорови меѓу партиите.

Иако новиот закон сè уште не стапил во сила, барање за објавување информации од страна на политичките партии, како што е случајот со финансирањето на кампањата „Зборот вреди“ на владејачката СДСМ, доставил новинарот на БИРН Македонија, Владо Апостолов. Тој не добил одговор, а партијата не прекршила никаква законска одредба, но ова, според Апостолов, е сигнал дека и СДСМ но и другите партии, Демократската унија за интеграција (ДУИ) и ВМРО – ДПМНЕ, рестриктивно ја разгледуваат можноста за менување на новиот Закон.

– Не знам дали партиите намерно не се согласуваат околу Агенцијата или, пак, во прашање е некакво тактизирање од една или од други партии. Но, според моето искуство, едно е сигурно – на партиите им одговара новините во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер да не профункционираат – вели Апостолов.

Тој нагласува дека СДСМ формално – правно нема прекршено никакви правила во моментот, но недоставувањето информации за кампањата „Зборот вреди“, сепак, укажува на тоа дека не сака да споделува такви чувствителни информации.

– Ова е за мене аларм, дека СДСМ рестриктивно (ќе) ги разгледа законските измени, и дека во иднина новинарите и јавноста нема да можат да добијат подетални информации за партиските пари. Судејќи според не толку далечното минато, лесно може да се претпостави дека оваа практика ќе ја применат и другите партии, вклучително и ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ – потенцира Апостолов.

Прашањето за можноста на ревидирање на новиот закон го отвори директорот на Центарот за граѓански комуникации, Герман Филков.

– Јас не сум правник, но знам дека единствено решение се законските решенија. Не знам, можеби пратениците ќе го променат законот. Не го знам нивниот договор, но најдобро е веднаш да назначат директор – вели Филков.

Покрај можноста партиите да го преиспитаат законот, досегашното неизбирање директор на Агенцијата за информации од јавен карактер, според Филков и Апостолов, ќе го скрати уставното право за информирање на граѓаните и ќе ги мотивира институциите и политичките партии да бидат помалку транспарентни.

– Она што не би профункционирала aгенцијата, само ги мотивира партиите и институциите да бидат помалку транспарентни – потенцира Апостолов.

Од друга страна, Филков вели дека за да се оствари уставното право на граѓаните да бидат информирани, а поаѓајќи од тоа дека досега ова право им беше одземено, треба што е можно поскоро да се именува директор на агенцијата за новиот закон да стапи на сила.

– Комисијата веќе две години не работи и не гледам причина ова да го наречеме решение. Комисијата и онака не е функционална и со стариот закон, а камо ли со новиот закон. Затоа апелираме, и ние како Платформа на невладини организации за борба против корупцијата апелиравме и до политичките субјекти, директорот и заменик директорот да бидат именувани што е можно поскоро – посочува Герман Филков.

Според законските одредби што се очекува да стапат во сила на 30 ноември, агенцијата, која ќе биде резултат од трансформација на тековната Комисија за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, нема да има Совет кој ќе одлучува за поплаки поднесени како резултат на недобивање јавни информации од носителите на информацијата.

Ова, како што објасни Филков, не значи дека ексклузивно право да одлучуваат за поплаки ќе имаат само директорот и заменик – директорот, туку подразбира дека ќе бидат отстранети можностите за политички или било каков притисок врз одлуките поврзани со поплаките, бидејќи за поплаките ќе одлучуваат стручните служби на агенцијата.

На прашањето дали сегашната комисија има капацитет да одлучува професионално и независно за жалбите, тој одговори позитивно, иако Филков потенцира дека ќе биде потребна дополнителна обука.

Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер беше донесен на 30 мај годинава, а шестмесечниот период е оставен како простор за трансформација на комисијата во агенција. Сепак претходно, од комисијата известија дека ништо не било преземено за спроведување на оваа фаза, бидејќи се очекува да биде назначен директорот на агенцијата.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.