Вклучете се на „PlayUK“: дигитален серијал за индустријата на видеоигри

Play UK
фото: Британски совет

После неколку изданија кои се одржаа во поголемите градови во регионот во последните три години, како и повеќе онлајн сесии и настани во живо низ земјите од Западен Балкан, Британскиот Совет (British Council) ја најави новата, целосно дигитализирана верзија на „PlayUK“ платформа.

Станува збор за платформа на Британскиот Совет за поддршка на креативноста во дигиталната уметност во земјите од Западен Балкан. Платформата ја охрабрува соработката помеѓу артистите и професионалците од ИТ секторот и обезбедува можности за учење, менторство и вмрежување на заедницата која работи во индустријата на развивање на видеоигри.

Организаторите најавија дека оваа година е подготвена инспиративна и разнолика програма која ќе ги спои креативците што работат на видеоигри од Велика Британија со оние од Западен Балкан.

Како дел од „PlayUK“ е предвидено на секои две недели да се одржуваат професионални салони на кои присутните ќе имаат можност да слушаат приказни и совети од експерти, професионалци и дизајнери на некои од познатите видеоигри.

Вториот салон се одржува денес и на истиот ќе се зборува за тоа што значи да се изгради гејмерска заедница и платформа од нула, како и за предизвиците во 2020 година.

На денешниот професионален салон  кој започнува во 18 часот, ќе зборува Стефани Ајџома, основач на една од најпознатите и водечки платформи за гејмерство и забава во Обединетото Кралство – NNESAGA.  NNESAGA на својата платформа опфаќа гејмнерство, аниме, стрипови, како и телевизија и филмови и е домаќин на бројни гејмерски настани и работилници.

Стефани од NNESAGA ќе зборува за почетоците на брендот и заедницата, како и за предизвиците и можностите со кои се соочува NNESAGA во 2020 година, стои во најавата од British Council.

Оние кои сакаат да се пријават и да присуствуваат на вториот професионален салон на „PlayUK“, ќе биде потребно да се регистрираат на овој линк.

Првиот салон од новото издание на „PlayUK“ се одржа во октомври и е предвидено да трае до март 2021 година. Дел од првиот салон беа писателката Кетрин Џонсон, како и Рики Хагет и Ричард Хог, создавачите на логичката  авантуристичка игра „Јас сум мртов“ (I am dead). Тие зборуваа за играта како и за предизвиците при создавањето и издавањето видеоигри во 2020 година.

Повеќе информации за дигиталната програма „PlayUK“ можете да прочитате овде.