Визуелизација на НАСА го покажува „танцот“ на црните дупки и ѕвездите

фото: Принтскрин од видео на НАСА / Јутјуб

Видео од НАСА покажува како изгледа кога една ѕвезда е „фатена“ во моќната гравитација на една црна дупка. Во вакви бинарни системи, ѕвездите се вртат околу црните дупки, кои постојано влечат гас од нив. Визуелизацијата на НАСА ја илустрира разновидноста на овие „паразитски“ партнерства во нашата галаксија, вклучувајќи и некои особено екстремни примери – како MAXI J1659, во кој ѕвездата завршува целосна орбита на секои 2,4 часа.

НАСА во видеото прикажува 22 од ваквите системи, лоцирани во нашиот Млечен Пат или во Големиот Магеланов Облак, галаксија од соседството оддалечена околу 160.000 светлосни години од Земјата.

Односот помеѓу црната дупка и ѕвездата во еден ваков систем се нарекува „паразитски“, бидејќи црната дупка ја консумира масата од својот придружник – ѕвездата. Во видеото на НАСА, тоа се покажува со изразениот облик на солза на некои од ѕвездите.

„Како што пристигнува до црната дупка, гасот оди во орбитата и формира широка, срамнета структура наречена акреционен диск. Акрециониот диск може да се протега повеќе од 80 милиони километри, што е поголемо од растојанието на Меркур од Сонцето. Гасот во дискот се загрева додека полека се впива спирално навнатре, блескајќи во видлива, ултравиолетова и конечно, рендгенска светлина“, велат од НАСА.

Боите на ѕвездите на видеото, пак, се движат од сино-бела до црвеникава, што претставува температури до 5 пати потопли и до 45 отсто поладни од Сонцето. Бидејќи акриционите дискови достигнуваат уште повисоки температури, тие користат различна шема на бои, појаснуваат од НАСА.