fbpx

Вистиномер: Заев не го подготви народот за бугарско вето, туку му влеа оптимизам за старт на преговори со ЕУ

-

Заев најмногу од сите во Владата ја поткреваше надежта кај граѓаните дека Република Северна Македонија, под водство на оваа власт, ќе ги отпочне преговорите со ЕУ. Премиерот изминативе години говореше дека Бугарија е стратешки партнер, наш искрен и голем пријател и дека верува оти не само што ќе добиеме поддршка за старт на преговорите, туку Бугарија ќе продолжи да биде авангардниот поддржувач на интегративните процеси на С. Македонија, нагласува новиот Контраспин на „Вистиномер“.

 

Премиерот Зоран Заев, деновиве (15.11.2020), запрашан за тоа како ја коментира изјавата на шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, која во  гостувањето на бугарската телевизија БТВ, порача дека „Бугарија вели – „не“ за почеток на преговорите, но не и за членство на Северна Македонија во ЕУ“,  ја даде следнава изјава, во која се препознава спин:

Спин: Јас сум подготвен и го подготвив македонскиот народ за евентуална блокада и за евентуално вето. И тоа е поприлично извесно. Ако кажете во проценти колку, повеќе во проценти е извесно од тоа да добиеме позитивно. Но, сепак, никогаш не ја губам надежта затоа што одговорноста е голема кај политичарите. Иако е ГАК на 17-ти, рековме до декември има време, до крајот на декември е можноста за првата меѓувладина конференција.

[Извор: Магазин, Грид  – датум: 15.11.2020]

Контраспин: Претседателот на Владата, Зоран Заев, коментирајќи ги најавите од Софија за „кревање рампа“ за старт на пристапните преговори на земјата за влез во Европската унија, ја спинуваше вистината, при што кажа дека го подготвил народот за вето од бугарска страна.

Ваквиот став на премиерот е прилично проблематичен. Заев најмногу од сите во Владата ја поткреваше надежта кај граѓаните дека Република Северна Македонија под водство на оваа власт ќе ги отпочне преговорите со ЕУ. Откако Заев на 31.05.2017 година за првпат стана премиер, цело време ја уверува јавноста дека ќе се отвори патот за влез во ЕУ.

Тоа може да се види доколку се погледаат изјавите кои ги даваше изминативе три и пол години. Набрзо по доаѓањето на премиерската функција, Заев во Собранието на консултативна средба во врска со Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Македонија и Бугарија (18.07.2020), изјави дека: Бугарија е земја која нè поддржува без условување за името и дека во неа имаме сериозен партнер во евроинтеграцијата (3.55 минута од видеото)

Ова премиерот го кажа и на прес-конференција на крајот на јули 2017 година, откако Владата го прифати текстот на Договорот со Бугарија:

Она што е значајно за Република Македонија е дека Република Бугарија цврсто го поддржува приемот на Република Македонија во ЕУ и НАТО, без поставување услови и земјата е подготвена да ни ги пренесе сите искуства од процесот на европските интеграции, рече тогаш Заев.

Во февруари 2018 година, пак, по работниот ручек со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, Заев изрази надеж „за отворање на преговорите на Македонија со ЕУ за време на претседавањето на Бугарија со Европската унија“. Станува збор за период јануари-јуни 2018 година во кој нашиот источен сосед претседаваше со ЕУ.

 

АВАНГАРДНИОТ ПОДДРЖУВАЧ 

Ваквиот негов оптимизам продолжи и во наредниот период, во кој се редеа нови охрабрувачки изјави од негова страна.

Во јули 2019 година Заев во одговор на новинарско прашање за изјавата на бугарскиот претседател Радев, кој, како што пренесоа повеќе медиуми, рекол дека официјална Софија треба да постави јасни црвени линии за поддршката на Бугарија на македонските евроинтеграции, го истакна следното:

Бугарија е наш стратешки партнер и верувам дека не само што ќе добиеме поддршка, туку Бугарија ќе продолжи да биде авангардниот поддржувач на интегративните процеси на С. Македонија заради тоа што е искрен и голем пријател

Во октомври истата година (2019), Заев изјави дека очекува Софија да даде поддршка на почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ:

Бугарскиот и македонскиот народ се пријателски народи. Ние политичарите треба да им служиме. Јас верувам дека Бугарија ќе даде поддршка на добивањето датум за почеток на преговори на РСМ со ЕУ. Толку долго очекувана одлука, веќе 15 години. Тоа е и обврска и од Договорот што го имаме за кој мора двете страни да водат грижа за неговото исполнување… рече Заев.

На 11 септември оваа година Заев во гостување на МРТВ кажа оти „верува дека ќе најдеме решение со Бугарија и дека треба двете страни да излеземе победници.“  Осврнувајќи се на спорот со Бугарија околу Гоце Делчев, Заев тогаш рече:

Испраќам порака спрема соседна Бугарија дека сме спремни да влеземе и преку прашањето за Гоце Делчев. Ако ние останеме повредени, тоа не е пријателство. Верувам ќе најдеме решение со пријателска Република Бугарија.

На 25 септември тој повторно изрази надеж дека со Бугарија ќе се најде решение со кое двете страни ќе бидат среќни.

Верувам дека ние како премиери, така и нашите министри ќе водат грижа дека на крајот треба да се договориме и да најдеме решение каде што двете страни ќе бидат среќни, ќе продолжиме низ самите тие решенија да го унапредуваме и зацврстуваме пријателството и добрата соработка меѓу двете земји, рече Заев.

Тој изрази увереност дека Бугарија ќе остане да биде пријател на Македонија и нема да го попречи патот кон ЕУ

Неколку дена подоцна во интервју за емисијата „Само вистина“  на „Канал 5“ телевизија Заев истакна дека е „многу важен пријателскиот договор склучен со Бугарија и нагласи дека од неговиот бугарски колега, премиерот Бојко Борисов нема никаква закана ниту коментар кон Македонија“.

Важно е дека во Договорот Бугарија зема обврска да нè подржува во нашите европски и евроатлантски интеграции. И Бугарија, тоа го прави, не само фигуративно“, рече Заев.

НЕМА ПЛАН „Б“

Заев остана оптимист дека ќе се најде решение со Бугарија и по неуспешна дводневна средба на Мешовитата комисија за историски прашања меѓу Македонија и Бугарија, која се одржа во Скопје во средината на октомври. Запрашан тогаш дали државата има план „Б“ ако во декември не почнат преговорите за членство со ЕУ, Заев рече:

Во моето скромно политичко искуство како претседател на Владата не разработувавме никогаш план Б, бидејќи тогаш би значело дека се откажуваме од планот А. Не сакам да разговарам за план Б, мора да успееме.

Оптимизмот не го напушти Заев ниту после блокадата од Бугарија за преговарачката рамка во Брисел, на првиот состанок на Комитетот на постојани претставници во Советот на Европска унија (КОРЕПЕР). Во таа смисла, тој на 6 ноември 2020 година по средбата со членот на Европскиот парламент и претседавач на заедничкиот парламентарен комитет за соработка меѓу Европската Унија и нашата земја, Андреас Шајдер, искажа очекување дека:

И покрај денешната одлука (06.11.2020) на Република Бугарија да не даде поддршка за преговарачката рамка за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, со засилена комуникација и дополнителен ангажман постојат можности за излезни решенија за да има успех за сите, за македонската интеграција, за Република Бугарија, за регионот и за Европската Унија.

Минатата недела (11.11.2020) по средбите со високи бугарски претставници во Софија, Заев рече дека Северна Македонија ќе продолжи да бара заедничко прифатливо решение со Бугарија, но од тоа нема да прави ниту спектакли, ниту шоу. На прес-конференцијата во Владата, одговарајќи на новинарски прашања, кажа дека во Софија имало конструктивни разговори во пријателска атмосфера и се надева дека така ќе продолжат.

Искуството од преговорите со Грција ми кажува дека вистинско решение е ако двете страни излезат како победници, сега уште не сме стигнале дотаму во разговорите со Бугарија, ќе продолжиме да разговараме, но не преку јавни препукувања. Ќе информираме суштински, но нема да правиме шоу. Удирањето во гради е атрактивно, но не ја зголемува шансата за решение, рече Заев.

Вчера (15.11.2020), пак, коментирајќи ја изјавата на шефицата на бугарската дипломатија, Захариева, дадена за бугарската телевизија БТВ, Заев излезе со став дека е подготвен и го подготвил народот за евентуална блокада и за евентуално вето за старт на преговори со ЕУ“, со кој фактички ја извртува вистината. Ваквиот негов став е во спротивност со тоа што досега го говореше за поддршката на Бугарија и стартот на преговорите на нашата држава за членство во Европската унија. Тоа е видливо од изјавите кои Заев ги даваше на оваа тема, а кои ги прикажавме погоре. Па, оттаму, ова негово тврдење го сметаме за спин.

 

ПОТКРЕНАТИ НАДЕЖИ

Заев  многупати досега во јавните настапи ги подгреваше надежите на граѓаните дека набрзо ќе се случи долгоочекуваниот датум за старт на преговорите со ЕУ. Да потсетиме дека на 26 јуни 2018 година премиерот на својот Фејсбук профил се пофали дека сме добиле датум за преговори:

Во авион штотуку примив одлична вест… Република Македонија доби датум за старт на преговори за членство во ЕУ!

Советот на министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, на денешната седница донесе одлука од јуни 2019 г. да започнат преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ.

Сега граѓаните на Република Македонија можат да кажат силно и слободно – Да, за Европска Македонија!

Но, тоа не се случи, иако Владата тогаш организираше и прослава. Преговорите не започнаа ниту две години подоцна, ама, оптимистичките изјави на Заев и натаму продолжија.

Во март оваа година, откако Советот за општи работи на ЕУ се согласи дека нашата држава треба во најбрз можен рок да ги започне преговорите за членство со ЕУ, Заев на прес – конференција во седиштето на партијата, оцени дека:

Историската грешка е исправена, нема никакви пречки ниту услови. ЕК треба да ги спроведе подготовките, а првата меѓувладина конференција ќе се одржи најбрзо што може.

На 2 јули, кога Европската комисија го утврди предлогот за Преговарачка рамка за преговорите за членство во ЕУ и го достави на разгледување до државите членки, Заев изјави дека Северна Македонија оди уште поблиску кон Унијата, македонската интеграција забрзува и дека „следи формален почеток на преговорите со ЕУ“. 

Арно ама, „формалниот почеток“ никако да дојде.

Инаку, и во првата Програма на Владата (2017-2020) има зададено амбициозен тајминг за отпочнување на преговори со ЕУ, се споменува 2018 година. Притоа, во делотРепублика Македонија – членка на НАТО и Европската унија“ (стр.12), се вели:

Владата на Република Македонија ќе започне сериозна и силна меѓународна
активност со цел Македонија да добие можност да започне преговори со ЕУ во тек на следната година (2018 н.з.)

Вакво ветување е наведено и во програмата „План за живот во Македонија“, со која СДСМ излезе на предвремените парламентарни избори во декември 2016 година, каде што стои: „Почеток на преговори за членство во ЕУ до крајот на 2017 година“.

„Вистиномер“ има направено анализа на ова изборно ветување на социјалдемократите и го оцени како неисполнето.

Па, имајќи ги предвид сите овие аргументи, изјавата на Заев, дека го подготвил народот за евентуална блокада и за евентуално вето од Бугарија за старт на преговори со ЕУ, без сомневање ја оценуваме како спин.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...