Вистиномер: Задолжителната вакцинација во пракса може да се оддолжи, но не и да не се прими

Фото: CDC on Unsplash

Мал процент на родители, кои не сакаат да ги вакцинираат своите деца, законски подлежат на постојани казни, т.е. ги плаќаат глобите за секоја одделна вакцина која нивното дете нема да ја прими, а е задолжителна. Овие родители се соочуваат и со уште едед друг дел од законот, кој пропишува дека за прием во градинка или училиште децата треба да ги имаат примено сите вакцини, пишува „Вистиномер“ во новата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Повеќе родители последниот месец добиваат Прекршочен казнен налог со глоба во износ од 300 евра, поради тоа што не ги вакцинирале нивните деца со МРП вакцината, која е задолжителна и е дел од Календарот за имунизација. Секторот за инспекцискиски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат во прилог на казнениот налог доставува и Записник од направениот увид во медицинската документација на детето, каде констатира дека не е примена вакцината. МПР вакцината се прима на возраст од 13 месеци и втората доза на шестгодишна возраст. И во Инспекторатот и во вакциналните служби знаат дека родителите најчесто се колебаат со првата доза и е пракса, особено последните години, да чекаат детето да наполни две години и да ја прими вакцината, односно да прооди и прозбори. Во неофицијалните изјави што ги даваат родителите, се повикуваат на усни препораки од педијатрите на нивните деца да почекаат до две години, како претпазливост од појава на аутизам.

Во Штип бројот на невакцинирани деца не е многу голем, но има такви случаи. Во Здравствениот дом „д-р Панче Караѓозов“ од Штип, во Службата за вакцинација на претшколски и школски деца во статистиката за 2020 година има податок дека првата доза на вакцина ја примиле 98,4% од децата, додека за втората, на шест години, тој процент е помал и изнесува 93,5%.

На докторите им е познат овој неофицијален став на педијатрите и родителите. Меѓутоа, нагласуваат дека одлагањето на вакцинирањето е само на основа на официјален лекарски извештај. Одлуката некое дете да не се вакцинира е на Комитетот за имунизација, каде се потпишани повеќе лекари.

Секое одлагање на вакцинирањето треба да е базирано на преглед и медицинска документација. Оценката е индивидуална и треба да е базирана на стручно мислење. Глобалните антиваскерски трендови се присутни и овде и поврзуваат одредени симптоми на аутизам со МРП вакцината, што ниту има научна основа, ниту некогаш е докажано, вели д-р Дијана Коцева Миланова од штипскиот Здравствен дом.

И од Службата за вакцинација и од Инспекторатот има одредена толеранција, меѓутоа, веќе по наполнување на две години на детето, на сцена стапуваат глобите. Перекршочните налози се потпишани од д-р Бранко Манчевски, државен санитарен и здравствен виш испектор од ДСЗИ – Штип.

Законот за заштита на населението од заразни болести предвидува задолжителна вакцинација, додека Законот за прекршоци, казни за неспроведувањето. Тоа се двата закони врз основа на кои работиме во делот на задолжителната имунизација. Има родители, кои по добивањето на казнениот налог, ги вакцинираат децата, има такви кои ја плаќаат казната, но имавме и случаи кои стигнуваат до суд, изјави д-р Манчевски.

Родителите имаат 8 дена да ја платат половина од глобата од 300 евра, доколку се согласат. Доколку одбијат, тогаш Инспекторот поднесува барање за поведување на прекршочна постапка пред Основниот суд во Штип. Оттаму, пак, информираат дека за периодот 2020 и 2021 година во овој суд имало поведено само една прекршочна постапка за неспроведување на задолжителната вакцина.

Предметот е решен во 2020 година, каде на обвинетите им е изречена опомена. По поднесена жалба од подносителот на барањето, донесена е второстепена одлука со која пресудата на Основен суд Штип е преиначена и обвинетите се задолжени да платат глоба од по 50 евра или во денарска противвредност од по 3.050,оо денари, одговорија од Основниот суд во Штип по упатеното Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Тој мал процент на родители, кои не сакаат да ги вакцинираат нивните деца, законски подлежат на постојани казни, т.е. ги плаќаат глобите за секоја одделна вакцина која нивното дете нема да ја прими, а е задолжителна. Овие родители се соочуваат и со уште едед друг дел од законот, кој пропишува дека за прием во градинка или училиште децата треба да ги имаат примено сите вакцини.

Во „Службен весник“ бр. 85 од 30 април 2019 година се објавени измените и дополнувањата, донесени од министерот за труд и социјална политика на Правилникот за водење на педагошката документација и евиденција во детска градинка и центар за ран детски развој.

За децата кои се запишуваат во прво одделение во основните училишта, во мај, за следната учебна година, при запишувањето, родителот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето, издадена од надлежна здравствена установа. Станува збор за обврска пропишана со член 46 став (2) од Законот за основното образование. Здравствените установи не смеат да издаваат потврди ако детето не ги примило задолжителните вакцини, соопштуваат од двете министерства – за труд и социјална политика (МТСП) и од Министерството за образование и наука (МОН).

Парични казни се предвидени и за правното и за одговорното лице во случај во некоја од воспитно-образовните институции да се затекнат деца без примена вакцина. Казната за правното лице се движи од 2.000 до 4.000 евра, а одговорното лице треба да плати 30 отсто од одредената сума за правното лице.

МРП вакцината е најчесто споменуваната последните години, кога одредени групи, противници на вакцинацијата се повикаа на студија, која подоцна беше повлечена. Како што веќе пишуваше Мета, на оваа тема „студијата на Ендру Вејкфилд, објавена во 1998 година во медицинското списание „Лансет,“ беше финансирана од адвокатска фирма која сакаше да ги тужи производителите на вакцини МРП. Во 2010 година Вејкфилд ја изгуби медицинската лиценца. Една година подоцна, „Лансет“ ја повлече студијата, бидејќи истрагата покажа дека Вејкфилд ги изменил или погрешил податоците од дванаесет деца кои биле основа за завршување на неговата студија. Бројни подоцнежни студии не најдоа врска помеѓу вакцината и аутизмот.

Д-р Дијана Коцева Миланова вели дека многу е важен пристапот на лекарите и педијатрите и информирањето за МРП вакцините.

Пресудна е работата со семејството, разговорите со нив. Важна улога игра координаторот за вакцинација, кој треба да им пристапи и да им објасни дека антиваксерските теории немаат никаква основа, објаснува д-р Коцева Миланова, според која, најголем број невакцинирани деца имало во 2017 година и таа бројка постојано се намалува со текот на годините.

Уставниот суд на С. Македонија во 2014 година расправаше по иницијатива во кој се бараше укинување на задолжителната вакцинација. Судот оцени дека со редовната вакцинација не се штити само лицето кое се вакцинира, туку се создава и колективен имунитет помеѓу населението, што ја спречува циркулацијата на инфективните агенси. Според Судот, обврската за задолжителна вакцинација претставува дозволено ограничување на фундаменталните права на засегнатото лице со оглед на тоа што е неопходна мерка во демократската држава заради заштита на јавната сигурност, здравје, права и слободи на други лица.

Задолжителната вакцинација се најде и пред Европскиот суд за човекови права, кој одлучи дека задолжителната вакцинација има за цел да се заштити здравјето и таквите мерки произлезени од здравствената политика и законските решенија се конзистентни во интерес на децата.

Од Центарот за јавно здравје апелираат родителите навреме да ги вакцинираат и со тоа заштитат своите деца, бидејќи вакцината е единствената безбедна и ефикасна мерка за спречување на појави на епидемии и заштита на децата од можните сериозни компликации на малите сипаници, пишува „Вистиномер“ во новата анализа.