fbpx

Вистиномер: За оставките на Филипче и Хасани, Заев требаше да го почека крајот на истрагата

-

Претседателот на Владата на РСМ Зоран Заев донесе политичка одлука да не ги прифати оставките на министерот за здравство, Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани, но образложението што го даде е со вграден недостаток – недоследност. Имено, истрагата сè уште не е завршена, а политичката одлука е донесена, пишува „Вистиномер“ во анализата на изјавите на премиерот Заев.

Текстот го пренесуваме во целост.

Следува дел од изјавата на премиерот Зоран Заев за кој оценуваме дека е недоследен:

Внимателно ги прочитав наодите на истражителите за причините на несреќата во тетовската модуларна болница.

Како што е јавно соопштено, со стручните наоди на вештачењето е утврдено дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска во приклучен кабел.

Врз основа на овие и на претходно добиените информации, сакам да ја известам јавноста дека: Нема причина да се лоцира политичка или менаџерска одговорност кај министерот д-р Венко Филипче и заменик-министерот за здравство д-р Илир Хасани, кои, потсетувам, од морални причини поднесоа оставки кои чекаа на мојата одлука.

За евентуалните грешки причинети од човечки фактор, ќе се произнесат надлежните органи.

[ Извор: Влада на РСМ-З.Заев/изјава, датум: 05.10.2021]

Образложение:

Претседателот на Владата на РСМ, Зоран Заев, донесе политичка одлука да не ги прифати оставките на министерoт за здравство, Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани, но образложението што го даде е со вграден недостаток – недоследност.

Оценката за недоследност во образложението на Заев се темели врз едноставен факт – крај на истрагата. Имено и Заев и Филипче повикуваа на крај на истрагата за да се донесе одлука за тоа дали се потребни оставки или не. Филипче тоа јасно го кажа на прес конференцијата на 09.09.2021, нецели 24 часа по пожарот во кој загинаа 14 лица во болницата, што го оценивме како спин, бидејќи се очекуваше и се бараше оставка од морални причини, кои не се поврзани со истрагата. Иако два дена подоцна Филипче се премисли под силен притисок на јавноста, па поднесе оставка во која немаше збор неотповиклива.

Заев, пак, во десетина изјави по настанот соопштуваше дека ќе реши за оставките на министерот и на неговиот заменик, само врз основа на резултатите од истрагата, со други зборови кога истрагата ќе заврши. Тој и во вчерашната оставка директно потврдува дека истрагата не е завршена со реченицата дека „за евентуалните грешки причинети од човечки фактор, ќе се произнесат надлежните органи“.

Впрочем, во соопштението од Јавното обвинителство 05.10.2021, тоа е очигледно:

Ова вештачење е само еден од досега обезбедените докази. Се очекува во Основното јавно обвинителство Тетово да пристигнат извештаите и податоците за кои обвинителството има издадено наредби и насоки и до други надлежни институции, како и вештачењето кое треба да пристигне согласно побараната меѓународна правна помош од експертски тим од Република Германија. Едновремено, обвинителството и натаму интензивно постапува по предметот и се преземаат и други дејствија за целосно расчистување на настанот.

По прибирање на сите вербални и материјални докази, по нивно разгледување и анализа, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката.

Според тоа, јавнообвинителска одлука за тоа кој и каде навистина погрешил, што резултирало со 14 загубени човечки животи, допрва ќе биде донесена. А таа, бидејќи ќе се потпира и на форензичарите од Германија, но многу важно и на истрагата што ја води Обвинителството за организиран криминал и корупција околу тендерот и испорачаните модуларни болници и дали тие ги исполнувале основните безбедносни стандарди, па дури потоа околу нивното управување/одржување. Што ако се покаже дека според стандардите требало да има преградни ѕидови и физичка одвоеност меѓу модулите се до покривната просторија, а тоа не било испочитувано и Министерството како нарачател не ја исполнило таа обврска за порачка или контрола на порачаното?

Поради погоре наведените причини може да се даде оценката недоследност за политичката одлука на премиерот Заев, дека ќе решава за оставките по завршената истрага. Истрагата се уште не е завршена.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Почина Велибор Џаровски – Џаро

По кусо боледување, денеска на 75 години почина Велибор Џаровски-Џаро, еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија. Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза...