Објавата што ја рецензираме се коси самата со себе – во насловот се вели дека бил извршен атентат врз рускиот претседател Владимир Путин, во текстот пишува за „наводен обид за атентат што се случил во февруари“, според изјава на украински разузнавач, за на крајот да се каже дека нема никакви докази за таквите тврдења, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Пост на Фејсбук тврди дека бил извршен атентат врз рускиот претседател Владимир Путин и дека тој е убиен. Оваа информација не е точна.
Постот споделува напис со наслов: „БОМБА! Украинско Разузнавање: Путин Е Убиен! Утрово Извршен Атентат Врз Рускиот Претседател“.
На почетокот, текстот се повикува на изјава на украински разузнавач.
Високиот украински разузнавач Кирило Буданов тврди дека бил извршен обид за атентат врз рускиот претседател Владимир Путин.
Но, веќе во следната реченица станува јасно дека наводниот обид за атентат врз Путин бил извршен во февруари, а текстот е објавен во мај.
Обидот за атентат беше извршен во февруари.
Понатаму, во написот се вели дека нема никакви докази за тврдењата на украинскиот разузнавач.
Тој рече дека рускиот претседател бил нападнат од претставници од кавкаскиот регион, кој се наоѓа меѓу Црното и Каспиското море. Сепак, како што наведува, досега не се презентирани докази.
Текстот нема допирни точки со она што се кажува во насловот. Дека Путин е убиен, како што се тврди во насловот, е огромна лага и очигледно има за цел да крене паника во јавноста и да привлече што е можно повеќе кликови.
Според тоа, можеме да заклучиме дека текстот кој го рецензираме е невистинит.