fbpx

Вистиномер: Во вакцините против ковид-19 нема канцерогени поттикнувачи

-

Во сите упатства за користење на вакцините, никаде канцерот не е наведен како несакан ефект. Повеќето луѓе кои се вакцинираат против ковид-19 имаат благи симптоми кои исчезнуваат за ден или два. Доктор Марк Шломчик, претседател на Одделот за имунологија на Универзитетот во Питсбург за медицина, вели дека идејата дека вакцините може да предизвикаат канцер се невистинити. Истото го тврди и професорот за биологија на канцер од Медицинскиот колеџ Мехари, Доналд Алцендор, кој за „Ју Ес Еј Тудеј“ изјавува дека инциденцата за канцер не е поврзана со апликацијата на вакцините, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се тврди дека во вакцините против ковид-19 има таканаречени состојки кои се „канцерогени поттикнувачи”, односно супстанци кои поттикнуваат во организмот да се создаде рак.

Во постот се вели:

Зошто канцерогени поттикнувачи, засилувачи во вакцини? Дали намерно го направија тоа? Бидејќи преку ракот големите фарми најмногу профитираат. А што ќе се случи со милиони пелцани деца во светот во иднина? Доказите покажуваат дека вакцините со мРНК го репрограмираат имунолошкиот систем за раст на ракот. Податоците покажуваат дека шилестиот протеин произведен од вакцините се врзува и ги инактивира овие туморски супресорни гени. мРНК засилувач или бустер, го зајакнува ракот.

Во состав на постот има и видео во кое неименуван доктор кажува дека спајк протеинот не останува само во рамото и патува во целото тело, блокирајќи гени за заштита од рак.

Уште на почетокот на вакциналната кампања во земјава, Министерството за здравство ја дебанкираше оваа невистина. На официјалната страница за вакцинација во земјава, во делот каде се дебанкираат митовите за вакцинацијата пишува:

Мит е дека мРНК вакцините ја менуваат вашата ДНК на било кој начин. Тие не можат да предизвикаат рак. Вакцините за мРНК ги учат клетките како да создадат протеин што предизвикува имунолошки одговор ако некој се зарази, мРНК што се инјектира во вашето тело не комуницира со вашата ДНК. Нема трајни ефекти од мРНК во вакцината, пишува на страницата за вакцинација.

Во сите упатства за користење на вакцините, никаде канцерот не е наведен како несакан ефект. Повеќето луѓе кои се вакцинираат против ковид-19 имаат благи симптоми кои исчезнуваат за ден или два.

Пациентите со малигни хематолошки заболувања во С. Македонија имаат и официјални препораки да се вакцинираат од Клиниката за хематологија.

Од Министерството за здравство велат дека во нашата држава секоја вакцина е одобрена само доколку успешно ги поминала сите три фази на клиничките студии. По одобрување на пазарот, вакцината продолжува внимателно да се следи и проценува со цел да се забележат многу ретки несакани ефекти.

Доктор Марк Шломчик, претседател на Одделот за имунологија на Универзитетот во Питсбург за медицина, вели дека идејата дека вакцините може да предизвикаат канцер се невистинити.

Нема начин вакцината да предизвика рак. Ниту една вакцина, која било, кога сме ја проучувале, или сме ја користеле за да се превенира инфекција, не била поврзана со канцер, вели тој.

Професорот за биологија на канцер, на Мехари медицинскиот колеџ, Доналд Алцендор за „Ју Ес Еј Тудеј“, вели дека нема основа за тврдењето дека вакцината предизвикува канцер.

Повеќе од 6 милијарди луѓе имаат примено вакцина против ковид-19 ширум светот и инциденцата за канцер не е поврзана со апликацијата на вакцините, вели тој.

Американската организација за канцер веќе објасни дека пандемијата со ковид-19 се очекува да предизвика поголем морталитет на долги патеки од канцер, но поради одложена дијагностика, прекини во третманите, можноста пациентите да не одат на редовни превентивни контроли, како и фактот што милиони луѓе ќе останат без работа и без здравствено осигурување.

Вакцините против ковид се испитани и нема линк меѓу нив и зголемена стапка на канцер, наспроти тврдењето во постот што го рецензираме.

Владата на Австралија исто така објави дебанкирање на слични дезинформации во врска со тоа дека вакцините наводно го намалуваат имунитетот кај оние што ги примиле.

Првата таква дезинформација е дека вакцините имаат сериозни несакани штетни ефекти кај луѓето кои ги примиле. На сајтот на австралиската влада пишува:

ФАКТ: Администрацијата за терапевтски средства (Therapeutic Goods Administration – TGA) ги одобрува вакцините за употреба во Австралија. Сите вакцини се темелно тестирани во поглед на безбедноста пред да бидат одобрени за употреба во Австралија. Тоа вклучува внимателна анализа на податоците од клиничките испитувања, состојките, хемијата, производството и други фактори. Информации за вакцините против КОВИД-19 може да се најдат на веб-страница на TGA. Покрај проценувањето на секоја испорака на вакцините против КОВИД-19, Администрацијата за терапевтски средства ја надгледува нивната безбедност откако биле испорачани во Австралија. Австралиската влада исто така внимателнo ги следи програмите на имунизација во странство, вклучително во Велика Британија, Германија и Норвешка. Севкупно, тие информации ќе помогнат да се обезбеди дека Австралијците имаат пристап до безбедна и ефикасна вакцина против ковид-19.

Втората дезинформација која се провлекува и во постот што го рецензираме, а владата на Австралија ја демантира е дека „повеќе луѓе ќе умрат од негативни ефекти од вакцината отколку од самиот ковид 19″.

ФАКТ: Секоја вакцина може да предизвика благи негативни ефекти. Главни негативни ефекти од вакцините е малку болка, црвенило или оток на местото каде сте ја добиле инјекцијата, главоболка или лесна треска и умор. Повеќето од нив можат да се надминат со лесни лекови против болки и не се причина за вознемиреност. Администрацијата за терапевтски средства нема да одобри вакцина која не е безбедна и ефикасна. Една од работите што се следат многу внимателно се сериозни несакани ефекти. Австралија ги има едни од најдобрите процеси на одобрување лекови во светот и секој лек што би можел да предизвика сериозни негативни ефекти нема да биде одобрен во оваа земја. 

Како што претходно пишуваше Вистиномер, спајк протеинот кој се создава во телото по вакцинацијата, воопшто не е ист со оној на коронавирусот. Ниту квалитативно ниту квантитативно.

Професорот на Медицинскиот факултет доктор Драган Даниловски за „Вистиномер“ објасни дека преку вакцината воопшто не влегува материјален ентитет, односно спајк протеин во организмот.

Инструкцијата за неговото производство во форма на мРНК, доаѓа само во цитоплазмата односно рибозомот, а не во јадрото на нашите клетки. И тој спајк протеин што ќе го произведе клетката, (рибозомот, т.н. фабрика за протеини), воопшто не е ист со оној на вирусот. Автоматски, тој не ги поседува ниту својствата на оригиналниот спајк протеин. Тој само „личи“ на оригиналниот и има само антигено својство – да провоцира имун одговор. Дури и кога би бил сосема идентичен со оригиналниот спајк протеин (а не е), овој што се произведува со давање на вакцината е во 100.000 пати помала концентрација од онаа што ја произведува вирусот самиот, потребна да направи штета, објасни професор Даниловски.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека во вакцините против ковид-19 има канцерогени поттикнувачи, ниту пак дека вакцините во иднина ќе имаат негативни последици врз населението, како што апокалиптично се проблематизира во постот што го рецензираме.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...